Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, реагира на критиките од Левица по изјавата на Драган Ковачки, кој употреби метафората „талог“ во политичка расправа со опозицијата.
Петрушевски во објава на „Фејсбук“ оценува дека реакцијата на Левица покажува оти метафората повеќе ги погодила нив, отколку луѓето од раководството на СДС на кои, како што наведува, се однесувала изјавата.
„Очигледно во Левица ги заболела метафората ‘талог’, употребена од Драган Ковачки, повеќе отколку луѓето од врхушката на СДС на кои се однесуваше, па веднаш се впуштија во нивна одбрана“, пишува Петрушевски.
Тој се осврнува и на критиките на Левица за тоа кој што работел пред да влезе во политиката, повикувајќи ја партијата, како што вели, да ја примени истата логика и на својот лидер Димитар Апасиев.
Според Петрушевски, пред да стане пратеник, Апасиев работел како професор на државен универзитет и стручен соработник во Специјалното јавно обвинителство.
„Или можеби Левица има некоја скриена биографија во која Апасиев, пред да стане пратеник, мешал малтер, нижел тутун, работел на шалтер или истоварувал камиони, па ја немаат објавено?“, прашува Петрушевски.
Пратеникот додава дека, според него, Левица не може да се поставува како „морален арбитер“ за тоа кој е „талог“, додека истовремено, како што наведува, политичкиот врв на партијата кариерата ја гради во политиката и државните институции.
Во објавата Петрушевски ја брани и професионалната биографија на Драган Ковачки, истакнувајќи го неговото воено образование и искуство.
„А Драган Ковачки, покрај Воената академија, се дошколувал на Командно-штабна академија во Хрватска и на Кралскиот колеџ за одбранбени студии во Лондон. Бил припадник на специјалната единица ‘Волци’, учесник во конфликтот во 2001 година и во повеќе меѓународни мисии. Тоа е биографија!“, пишува Петрушевски.
Тој на крајот упатува директно прашање до Левица за нивниот досегашен политички придонес.
„Што направивте вие за Македонија, освен гол популизам, ширење вулгарен речник и омраза, и блокирање на развојни процеси, а на сметка на големите привилегии што ги уживате и дебелите државни плати и хонорари што ги наплаќате од граѓаните?“, прашува Петрушевски.
