Кинескиот проект „Големиот зелен ѕид“, еден од најамбициозните еколошки потфати во модерната историја, се соочува со сериозни критики по 48 години од неговото започнување. Она што во 1978 година беше замислено како стратегија за запирање на ширењето на пустините Гоби и Такламакан, денес отвора прашања за неговото влијание врз здравјето на луѓето и природната рамнотежа.
Во рамки на проектот досега се засадени околу 66 милијарди дрвја, но изборот на растителни видови, кои биле избрани поради нивниот брз раст и отпорност, предизвикал неочекувани последици.
Станува збор за видови како артемизија, врба и топола, чии поленови честички значително го зголемиле бројот на случаи на респираторни алергии, бронхијална астма и поленска треска. Жителите кои живеат во близина на овие шумски појаси денес имаат двојно поголема веројатност да развијат алергиски заболувања отколку пред почетокот на проектот.
Поради тоа, кинеските власти издвоиле околу 747 милиони евра за постепена замена на проблематичните видови со побезбедни дрвја, како што се гинкото и сливата, како и за примена на фитохормони кои го намалуваат ослободувањето на полен.
Во меѓувреме, најновите истражувања објавени во научното списание Geophysical Research Letters покажуваат дека вештачки засадените шуми развиваат лисна маса дури 66 проценти побрзо од природните екосистеми. Иако тоа на почетокот создава впечаток дека тие апсорбираат повеќе јаглерод диоксид, научниците предупредуваат дека таквата предност е само привремена.
Според тимот предводен од екологот Јуханг Луо од Универзитетот во Пекинг, овие дрвја достигнуваат максимум во растот по 30 до 40 години, по што нивниот развој значително се забавува. За разлика од нив, природните шуми растат побавно, но континуирано, што им овозможува подолгорочно складирање на јаглерод и поголема отпорност на климатските промени.
Проектот веќе во минатото се соочувал со сериозни проблеми. Во 1991 година, во регионот Нингсија, кинеските власти морале да исечат и запалат околу 24 милиони дрвја поради масовна појава на штетници, предизвикана од несоодветен избор на видови.
Во областа Џингбјен, пак, масовното засадување тополи довело до прекумерно трошење на подземните води, што дополнително ја влошило пустинификацијата – токму проблемот што проектот требало да го реши.
Експертите предупредуваат дека ваквите искуства покажуваат оти големите еколошки проекти не можат да бидат успешни без внимателно земање предвид на специфичните природни услови на секој регион.
И покрај тоа што „Големата зелена ѕидина“ успеала да го намали интензитетот на песочните бури за околу 70 проценти, научниците сè уште дебатираат дали долгорочните придобивки ги надминуваат здравствените и еколошките ризици.
Кевин Д’Соуза, истражувач поврзан со Универзитетот во Ватерло, за Live Science изјавил дека успехот на шумските проекти не смее да се оценува само според густината на крошните, бидејќи значителен дел од јаглеродот се складира и во почвата и кореновиот систем.
