Марта Кос, порача дека Македонија има реална можност да напредува кон полноправно членство во Унијата, сепак нагласи дека усвојувањето на договорените уставни измени останува неопходниот следен чекор за започнување на пристапниот процес.
Кос истакна дека е потребен 100% заеднички меѓупартиски консензус за Изборниот законик, државата да може целосно да го искористи моментумот во процесот на евроинтеграциите и тоа ќе биде во полза на државата.
„За заеднички меѓупартиски консензус за да може да имаме 100% успех, и се надевам дека тоа ќе се случи. А кога тоа ќе се случи, тоа ќе биде во полза на државата, затоа што пристапните преговори ќе се придвижат нанапред. Реформската агенда и она што го правите во Планот за раст, и од друга страна пристапниот процес, во одреден дел ќе се спојат. Македонија тогаш може многу побрзо да се приклучи кон оние напредни земји“, кажа Кос.
Еврокомесарката посочи дека придобивките од приближувањето кон Европската Унија веќе ги чувствуваат граѓаните и компаниите во земјата, наведувајќи дека следуваат преговорите за укинувањето на роамингот, новите можности преку програмата „Еразмус плус“, поврзувањето со европските иницијативи за вештачката интелигенција, пристап до европските програми за здравство и зајакнување на сајбер-безбедноста.
„Полноправното членство ќе донесе уште поголеми придобивки, ќе донесе еднакви права и еднакви можности за вашите граѓани и за вашите бизниси, и уште поголема поддршка за изградба на инфраструктурата и помош за руралните региони. Но, откако ќе бидете полноправна членка, земјата навистина ќе добие многу повеќе. Би сакала да го објаснам ова со случајот на Црна Гора. Знаеме дека Црна Гора е предводник и ќе добијат трипати повеќе средства во финансиска помош од ЕУ отколку што добиваат сега. Ќе имаат веднаш придобивки, а ние истото го сакаме и за Македонија, но усвојувањето на договорените уставни измени останува неопходниот следен чекор за формално започнување“, изјави Кос.
Кос смета дека Европската Унија до 2028 година би можела да добие нова земја членка од Западен Балкан и порача дека Македонија треба да биде меѓу државите што ќе напредуваат најбрзо.
