Американскиот претседател Доналд Трамп денес изјави дека ќе ја оцени воената операција на САД во Иран со „15 од 10“.
„Некој ме праша на скала од 10 како би ја оценил. Реков, околу 15“, рече Трамп на тркалезната маса во Белата куќа, објави Фокс њуз.
Тој додаде дека Иран ќе имаше нуклеарно оружје за две недели доколку САД не нападнеа.
„Доколку не нападнавме во рок од две недели, тие ќе имаа нуклеарно оружје“, рече американскиот претседател.
Трамп рече дека САД се во многу добра позиција.
„Ние сме во многу добра позиција… тоа е одличен приказ на воена моќ“, рече американскиот претседател.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, изјави претходно, на првата прес-конференција од почетокот на нападите на САД врз Иран, дека операцијата „Епски бес“ против Иран е „извонреден успех“, наведувајќи дека САД постигнале напредок во ограничувањето на нуклеарните капацитети на Иран и уништувањето на неговата морнарица.
Ливит повтори дека САД очекуваат да имаат целосна контрола врз иранскиот воздушен простор во рок од неколку часа.
