Неколку големи авиокомпании, вклучувајќи ги „Луфтханза“, „Ер Франс“, „КЛМ Ројал Дач ерлајнс“ и „Свис“, ги откажаа летовите во сабота до дестинации на Блискиот Исток, вклучувајќи ги Израел, Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија, според информациите за летовите објавени на веб-страниците на аеродромите, поради страв од конфликт во кој би можел да биде вклучен Иран.
„Јунајтед ервејс“ и „Ер Канада“ исто така ги откажаа летовите до Израел, поради интензивните шпекулации дека може да се случи напад на САД насочен кон Иран, пишува i24news. Во четврток, американскиот претседател Доналд Трамп зборуваше за „армада“ што се движи кон Иран, додавајќи дека се надева оти нема да мора да ја користи, додека повторно го предупреди Техеран да не убива демонстранти или да ја рестартира својата нуклеарна програма.
Американските претставници, кои зборуваа под услов да останат анонимни, изјавија дека носачот на авиони „УСС Абрахам Линколн“ и неколку разорувачи вооружени со наведувани ракети ќе пристигнат на Блискиот Исток во наредните денови. Еден функционер рече дека се разгледува и распоредувањето дополнителни системи за воздушна одбрана на Блискиот Исток, што би можело да биде клучно за заштита на американските бази во регионот од можен ирански напад. Овие распоредувања се сметаат за проширување на опциите што му се достапни на Трамп - и за подобра одбрана на американските сили низ регионот во време на зголемени тензии, и за евентуално преземање дополнителни воени дејствија по нападот врз нуклеарните објекти на Иран во јуни, за време на 12-дневната војна во која воените и нуклеарните објекти на Иран беа тешко оштетени од израелските напади, пред САД да ги фрлат таканаречените бомби „бункер-разбивачи“ врз фабриката Фордоу.
