Американскиот претседател Доналд Трамп разговараше со новинарите во авионот „Ер Форс Уан“, на враќање од Давос. Накратко се осврна на ситуацијата во Иран. Тој рече дека голема група американски воени сили се движи кон Иран, но дека би сакал да избегне нивно користење за напад врз земјата во време на зголемени тензии по бранот протести. „Имаме многу бродови што се движат во таа насока, за секој случај. Имаме голема флота што се движи во таа насока и ќе видиме што ќе се случи. Имаме голема сила што се движи кон Иран“, истакна тој. „Би сакал ништо да не се случи, но ги следиме многу внимателно“, додаде тој, осврнувајќи се на тврдењата на Иран дека се откажал од планираните егзекуции на демонстранти минатата недела. Се очекува американска борбена група предводена од носач на авиони, заедно со други воени капацитети, да пристигне на Блискиот Исток во наредните денови.
Режимот ги потисна протестите Иран во среда го објави својот официјален број на жртви за прв пат по задушувањето на масовните протести низ целата земја, со што бројката е значително пониска од онаа што ја објавија активистите во странство, бидејќи теократскиот режим се обидува повторно да се наметне по немирите што потсетуваат на хаосот од Исламската револуција од 1979 година. Иранската државна телевизија емитуваше соопштение од Министерството за внатрешни работи, според кое 3.117 лица загинаа во протестите. Во слични ситуации, иранските власти претходно го потцениле или воопшто не го објавиле бројот на жртви. Американската организација Новинска агенција „Активисти за човекови права“ објави дека бројот на жртви се искачил на најмалку 4.902, со страв дека вистинскиот број е уште поголем. Организацијата со години се смета за сигурен извор на информации за протестите во Иран, потпирајќи се на мрежа на активисти во земјата за да потврдат секоја пријавена смрт. Во меѓувреме, иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, ја упати својата најдиректна закана до Соединетите Држави досега, велејќи дека Исламската Република ќе „одмазди со сите расположливи средства“ ако повторно биде нападната.
