Седум тела се пронајдени, а 96 лица се спасени откако брод со мигранти потона преку ноќ кај островот Џинак, во северниот крајбрежен регион на Гамбија, во близина на историскиот град Бар, соопшти во вторник гамбиското Министерство за одбрана. Се наведува дека бродот превезувал повеќе од 200 мигранти, вклучувајќи жени и деца, а 10 од спасените мигранти се во критична состојба и моментално добиваат итна медицинска помош, објави Ројтерс.
Африканските мигранти кои се обидуваат да стигнат до Шпанија често ја користат атлантската миграциска рута, која го поврзува брегот на Западна Африка со Канарските Острови и се смета за една од најопасните во светот. Повеќе од 46.000 нерегуларни мигранти пристигнале на Канарските Острови во 2024 година, што е рекорд, според податоците на Европската Унија. Повеќе од 10.000 луѓе загинале обидувајќи се да го поминат опасниот премин, што е зголемување од 58 проценти во однос на 2023 година, според организацијата за човекови права „Каминандо Фронтерас“. Во август 2025 година, најмалку 70 луѓе загинаа кога брод за кој се верува дека потекнува од Гамбија и кој превезувал мигранти потона, во една од најтрагичните несреќи во последните години.
