Музичката суперѕвезда Тејлор Свифт повторно ја покажа својата дарежливост со донирање на 1 милион долари на „Feeding America“ само неколку дена пред Божиќ, објави непрофитната организација во вторник.
„Feeding America“ надгледува национална мрежа на банки за храна, народни кујни и локални програми за исхрана, пишува CBS News.
Извршната директорка Клер Бабино-Фонтенот изјави дека организацијата е „исклучително благодарна“ за донацијата.
-Оваа празнична сезона, континуираната поддршка на Свифт е моќен потсетник за тоа што е можно кога се обединуваме за да го ставиме крај на гладот, изјави Бабино-Фонтенот преку Инстаграм. „Кога соработуваме со луѓето што се соочуваат со глад, можеме да обезбедиме семејствата да имаат полна маса оваа празнична сезона и понатаму“.
Свифт јавно не ја објави донацијата. Гестот доаѓа во време кога многумина во САД се борат со недостиг на храна. Според неодамнешното истражување на Универзитетот Пердју, околу 14% од американските домаќинства пријавиле несигурност во храната помеѓу јануари и октомври 2025 година. Бабино-Фонтенот минатиот месец изјави дека „Feeding America“ има поголема побарувачка отколку што може да задоволи.
-За жал, редовите се подолги од достапната храна, рече таа.
И ова не е единствената донација која Тејлор ја направи во пресрет на новогодишните и божиќни празници.
Американската асоцијација за срце вчера објави дека Тејлор му оддава почит на својот татко по операцијата на срцето со седумцифрена донација кон нив.
AHA ја објави донацијата од 1 милион долари на Тејлор, велејќи дека таа „ја дала својата донација во чест на својот татко, Скот Свифт, за чија срцева состојба се зборуваше претходно оваа година“.
Скот беше подложен на петкратна бајпас операција ова лето, а Тејлор и нејзиниот брат, Остин, беа до својот татко во текот на целата операција и процесот на закрепнување.
AHA вели дека огромната донација на Тејлор ќе ги забрза нивните напори за спречување и лекување на срцеви заболувања, водечка причина за смрт во земјата.
