Најмалку 20 лица загинаа во поплавите предизвикани од излевање на реката во источниот боливиски регион Санта Круз, а повеќе од 20 се водат како исчезнати, додека стотици семејства останаа без домови. Се очекува бројот на жртви дополнително да се зголеми како што спасувачките екипи ќе стигнат до недостапните подрачја, изјави заменик-министерот за цивилна заштита Алфредо Троче, објави Ројтерс.
„За жал, потврдено е дека се пронајдени уште 16 тела, со што вкупниот број на жртви се искачи на 20. Исто така, имаме околу дваесет исчезнати лица“, изјави Троче за државната телевизија Bolivia TV. Тој изјави дека најмалку 300 лица се спасени со хеликоптери, додека околу 2.100 семејства се погодени од поплавите во областа на реката Пираи. Според Националната метеоролошка и хидролошка служба на Боливија, обилните дождови започнаа рано во саботата. Службениците очекуваат времето да се подобри во наредните денови, што би требало да ги олесни операциите за спасување со намалувањето на нивото на водата. Метеоролозите предупредуваат дека комбинираните ефекти од климатските феномени Ел Нињо и Ла Ниња доведуваат до зголемени врнежи во сливот на реката Амазон.
