Гватемалскиот претседател Бернардо Аревало прогласи вонредна состојба во две области на западот од земјата, еден ден откако вооружени лица нападнаа воен контролен пункт и полициска станица, блокираа патишта и киднапираа автобуси, при што загинаа најмалку пет лица. Според Аревало, криминалните банди се обидуваат да ги принудат безбедносните сили да се повлечат за да ја преземат контролата врз регионот, објави АП. Тој додаде дека владата ќе ги зајакне безбедносните мерки. Вонредната состојба, прва што ја објави неговата влада, ќе трае 15 дена во областите Нахуала и Санта Катарина Икстахуакан, во департманот Солола.
Со овие мерки, властите ги ограничија собирите на отворено, јавните протести и настани, а исто така дозволија и прекинување на ненајавените собири со сила. „Ова е критичен момент за овој оддел и за безбедноста на земјата“, рече Аревало, додавајќи дека криминалните групи се поврзани со изнуда и трговија со дрога, како и претставуваат закана за локалните заедници. Министерот за внатрешни работи Марко Виљеда изјави дека во нападите загинале пет лица, додека директорот на националната полиција, Давид Ботеро, вчера изјави дека загинале шест лица, меѓу кои и еден војник.
