Инфлацијата во Еврозоната во октомври на годишно ниво падна на 2,1 процент, од 2,2 проценти во септември, додека на ниво на Европската Унија таа изнесува 2,5 проценти, објави Евростат.
Идентично намалување во споредба со септември од 0,1 процент е забележано на ниво на Европската Унија, објавува Индекс. Најниските стапки на инфлација во октомври беа во Кипар 0,2, во Франција 0,8 и во Италија 1,3 проценти, додека рекордери се Романија со 8,4, Естонија со 4,5 и Латвија со 4,3 проценти. Во споредба со септември, инфлацијата се намали во 15 земји-членки, остана на исто ниво во три, а се зголеми во девет земји. Најголем придонес кон инфлацијата во Еврозоната имаше секторот на услуги - 1,54 проценти, по што следуваат храната, алкохолот и тутунот со 0,48 проценти и неенергетските индустриски производи со 0,16 проценти. Цените на енергетските производи беа намалени за симболични 0,08 проценти во октомври, што го потврди трендот на стабилизација и пад на цените во тој сектор. Во Македонија за разлика од ЕУ инфлацијата на годишно ниво се движи околу 4%.
– Очекувам инфлацијата по ова зголемување во октомври коешто се должи на ниската основа, бидејќи лани во октомври имаше есенска кошничка, да продолжи трендот на намалување за ноември и за декември и на годишно ниво да ја завршиме отприлика оваа година на четири проценти, а веќе следната да се стабилизираме помеѓу два и три проценти, неодамна изјави премиерот Христијан Мицкоски за инфлаторните движења во Македонија.
