Денеска, министерот за Дигитална трансформација, Стефан Андоновски, заедно со Градоначалникот на Општина Јегуновце, Димитар Костадиноски, потпишаа Меморандум за соработка помеѓу двете институции со цел отворање на административна канцеларија за услуги за граѓаните во Општина Јегуновце.
“Во општина Јегуновце и околината гравитираат околу 10.000 жители, кои ќе имаат директен бенефит од оваа канцеларија. Во соработка со општината, со новата канцеларија, ќе обезбедиме брз и ефикасен пристап до сите важни административни услуги за граѓаните на оваа и соседните општини, што значително ќе го подобри квалитетот на живот и ќе го олесни секојдневното функционирање на сите жители”, истакна Андоновски.
Во контекст на чекорите кои оваа Влада ги презема во насока на подобри, поефикасни и подостапни услуги за сите граѓани посочи дека оваа иницијатива доаѓа во време кога се прават конкретни напори за подобрување на перформансите и на канцелариите „Една точка за услуги“, кои беа отворени во Скопје, Куманово, Охрид, Битола и Тетово, кои, за жал, не беа ефикасни заради не постоењето на систематичност и рационализација. “Според извештајот на Државниот завод за ревизија, овие канцеларии издале многу малку документи. За една година се издадени само 1.062 документи, а во Тетово само 7 граѓани месечно ги користеле услугите. Со новите канцеларии, трошоците се оптимираат, а услугите се доближуваат до граѓаните.”
“Нашата посветеност на дигиталната трансформација значи и дека ниту еден граѓанин нема биде исклучен – напротив, на ваков начин секој ќе ги почувствува придобивките од услугите”, нагласи министерот.
Со новата канцеларија, ќе се обезбеди брз и ефикасен пристап до важни административни услуги за граѓаните. Меѓу другите, услуги кои ќе бидат достапни се: уверение за државјанство; уверение за податоци за стажот на осигурување; образец м1/м2 од пријава/одјава во задолжително социјално осигурување; историјат на работни односи; потврда дека не е изречена прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност; податоци на физички лица од кредитниот регистар и други.
“Нашата визија е Македонија да стане лидер во дигиталната трансформација на Балканот, а придобивките да ги почувствува секој човек, секој град и секое село во државата”, заклучи Андоновски.
