Дигитализацијата продолжува да ги менува навиките на граѓаните при извршувањето плаќања, па на сметка на тоа сѐ почесто се користат современи канали за плаќање, покажуваат податоците што ги објави Народната банка на Република Северна Македонија (НБРСМ) за 2023 година.
Минатата и оваа година е зголемена употребата на платежните картички од страна на граѓаните за извршување на плаќањата во трговијата во земјата, што се согледува преку засилениот годишен раст на бројот и вредноста на плаќањата при што за 18 проценти е зголемен бројот на трансакции, а за 17 проценти е зголемена вредноста на трансакциите. Годишен раст забележуваат и бројот и вредноста на плаќањата на граѓаните со кредитни трансфери (т.н. платни налози) и тоа за 5 отсто расте бројот на трансакции, а за 12 отсто вредноста на трансакциите, информираат од Народната банка (НБ).
Според нив, дигитализацијата предизвикува постојана промена во навиките на граѓаните при извршувањето на плаќањата, па тие сè почесто ги користат современите канали на плаќањата.
