Сите лидери на поголемите партии на Албанците вчера беа во Приштина: Али Ахмети гостуваше на јавниот сервис РТК, а тројцата лидери од опозицискиот Европски сојуз за промени , Изет Меџити, Африм Гаши и Билал Касами, како и лидерот на владејачката Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, беа на средба со косовскиот премиер Албин Курти. На средбата го искажале нивниот предлог за претседател на РСМ, кој треба да биде од редовите на Албанците. На веб-страница на косовската влада објавена е и фотографија и соопштение за средбата, на која учествувал и советникот на Курти за Северна Македонија, Беким Ќоку. Како што се наведува, се разговарало за ситуацијата во балканскиот регион, добрососедството и перспективата на партнерството меѓу Косово и Северна Македонија, социјалната и економската состојба на албанската заедница во Македонија, потребата од демократија и стабилност и подобрувањето на односите меѓу етничките заедници, нешто за што самото Косово е пример, но и го промовира и поддржува.
„Четворицата лидери го искажаа својот предлог за претседател на Северна Македонија, кој ќе го отелотвори соживотот меѓу етничките групи и ќе го гарантира европскиот пат на Северна Македонија, претседател кој овојпат треба да доаѓа од редовите на Албанците“, се наведува во соопштението.
