7.8 C
Skopje
петок, ноември 27, 2026

Пендаровски ги одликуваше Бедија Беговска, Благоја Чоревски, Ѓокица Лукаревски, Оливера Николова, Рефет Абази, Ристо Вртев и Слободан Унковски со Орден за заслуги за Република Македонија

Низ годиниве имав чест да им оддадам признанија на повеќемина поединци и институции од областа на уметноста и културата – да доделам  највисоки признанија за нивните особени постигнувања со кои ја задолжија нашата држава. И денес, како и претходно, би сакал да подвлечам дека иако сме мала земја, можеме да се пофалиме со извонреден уметнички и креативен потенцијал и со исклучителни автори и уметници врз чиишто опус, можеме слободно да кажеме, почива арматурата на современата македонска култура.

Денес, на уште седуммина наши значајни личности, творци  од литературата, театарот, филмот и музиката ќе им доделиме Орден за заслуги за Република Северна Македонија.

Во периодот кога зачестија ирационалните негирања на македонскиот јазик, еден од најголемите показатели за неговото и нашето постоење и потенцијал што го имаме е големата ризница  дела создавани на тој јазик. При тоа, во плејадата наши знаменити писатели, мајстори на зборот, спаѓа и оригиналното и неповторливо дело на секогаш скромната и тивка, а авторски моќна Оливера Николова. 

Иако, несомнено е една од најголемите имиња на македонската литература за деца со чии книги растеа, растат и ќе растат генерации деца и млади, и  нејзините дела наменети за возрасните ја потврдуваат како  најзначајна македонска прозаистка чиј ракопис, како што вели критиката, по својот тематски слоевит корпус, комплексните ликови и нивните взаемни релации секогаш, на еден длабок, проникнувачки начин го допираат целиот спектар на општествени динамики. Со доделувањето на Орденот за заслуги имаме можност да ѝ се заблагодариме за сите незаборавни напишани страници што ни ги подари. 

Драмското творештво е несомнено едно од најекспонираните, но и најкомплексните литературни видови. Но, за една драма да оживее на сцена и да ѝ се приближи на публиката, потребна е магијата на режисерот кој заедно со актерите му дава живот на делото и го отелотворува на сцената или пред камерата. Денеска меѓу добитниците на ордени имаме петмина врвни авторитети од областа на театарот и филмот.

Без режисерската палка и визијата за сценско обликување на драмското дело, актерите би ја немале можноста да креираат, трансформираат и пресоздаваат. Слободан Унковски е уникатно поглавје не само во македонската театарска историја, туку и во светската. Тој го издигна македонскиот театар и поширокиот културен контекст на највисоко рамниште, а преку својата режисерска умешност ја промовираше нашата современа култура низ светот. За сето постигнато денес, со особена почит му доделуваме Орден за заслуги.

Идеите и замислите на режисерите не би можеле да се остварат без оние кои им даваат живот на ликовите на сцена – без неговото височество – актерот. Несомнено една од кралиците на македонското  глумиште, дамата со извонреден актерски потенцијал, Бедија Беговска ги надмина нашите граници и изгради респектабилна интернационална кариера. Особено е значаен нејзиниот придонес и блескавите ролји одиграни во Турскиот театар. Беговска подеднакво е успешна и пред камерите каде што остава особен печат и остварува маркантни улоги.

Еден од доајените на македонско глумиште, со безброј незаборавни остварувања во театарот, на филмот и телевизијата е Благоја Чоревски. Импозантна е бројката на одиграни улоги на Чоревски, како и одгласите на критиката и публиката во суперлативи за неговите остварувања. Впрочем за неговото актерско мајсторство најдобро говорат бројните добиени награди и признанија. Денес таа листа ќе биде дополнета и збогатена со Орденот за заслуги. 

Во многу претстави и телевизиски, филмски, радио проекти, Чоревски свој партнер имаше во Ѓокица Лукаревски. Иако за пошироката публика Лукаревски е најпознат со улогите на комични и хумористични ликови, тој се вгради себеси во еден мошне широк дијапазон на ликови успешно креирајќи улоги во различни жанрови. Карактеристично за него е длабокиот и моќен гласовен израз, а ова негово мајсторство е изразено и во бројните синхронизации во кои учествува.

Иако далеку помлад од споменатите  колеги актери, Рефет Абази е веќе етаблирано и реномирано наше актерско име со богато искуство и извонредна кариера. Со својата оригиналност и моќ на трансформација, тој делува силно и убедливо на сцената, фасцинирајќи ги гледачите со реалистичната интерпретација. Абази, освен на сцената постигнува и значајни успеси и во книжевниот, драмскиот и во прозниот израз.

Различните жанрови во популарната музика имаат непроценливо  значење во секојдневната, во живата култура. Од авангардните правци до мејн стрим звуците, во последниве седумдесет години создадени се безброј значајни уметнички дела во популарната музика. Rock’n’roll-от  денес е веќе своевидна класика, но, во таа класика не сите песни го поминуваат судот на времето и вкусовите на новите генерации. Како ретко кој автор не само на нашите простори, туку и во пошироки рамки, Ристо Вртев со својата музика и творештво создаде незаборавен поетски и композиторски опус кој ја одбележа авангардната култура. Тоа е опус кој не старее иако генерациите се менуваат. Стиховите од неговите песни се пример за автентично урбано, поетско писмо чии пораки траат низ времето.

Почитувани,

Пред да почнеме со доделувањето на ордените, дозволете уште еднаш да го потенцирам круцијалното значење на вреднувањето на националната култура и уметност и на домашните автори и творци. Благодарение на нив имаме со што да му се претставиме на светот и да бидеме компетитивни во меѓународниот „натпревар на културите“. 

Да ги почитуваме и соодветно вреднуваме овие наши национални величини, бидејќи тоа е начинот да покажеме дека се почитуваме себеси и дека ја сакаме својата земја.

Македонија не сме ние политичарите, Македонија се нејзините артисти и уметници. 

Читај Следно

10,371FansLike
2,319SubscribersSubscribe

Најнови Вести