„Ова е полошо од сè што сме виделе, речиси е неверојатно“, рече Валтер Мајер, кој го следи морскиот мраз во американскиот национален центар за податоци за снег и мраз.
Нестабилен Антарктик може да има далекусежни последици, предупредуваат експертите. Огромното пространство на мраз на Антарктикот ја регулира температурата на планетата бидејќи белата површина ја рефлектира сончевата енергија назад во атмосферата и ја лади водата под и околу неа, пишува Би-Би-Си.
Без мразот што ја лади планетата, Антарктикот од ладилник на Земјата би можел да се претвори во радијатор, истакнуваат експертите. Мразот што лебди на површината на Антарктичкиот океан сега е помалку од 17 милиони квадратни километри – 1,5 милиони квадратни километри помалку од просекот во септември и далеку под претходните зимски рекордни ниски вредности.