10.8 C
Skopje
петок, март 29, 2024

Влада: Со законски измени за поевтина и побрза изградба на коридорите 8 и 10д, земјата ќе биде главна европска рута на Балканот

Првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби заедно со заменик-претседателот на Владата за економски прашања Фатмир Битиќи и сите министри во Владата одржаа прес-конференција после одржаната владина седница за презентирање на законските измени кои ќе се предлагаат до Собранието за реализација на коридорите 8 и 10д.

На прес-конференцијата се обратија првиот вицепремиер Груби, министрите за транспорт и врски Благој Бочварски, за финансии Фатмир Бесими и заменик-министерот за труд и социјална политика Енвер Хусејин.

Првиот вицепремиер Груби информираше дека цела Влада дава недвосмислена поддршка за реализација на овие инфраструктурни проекти.

„Увидувајќи ја очигледната блокада и заложништво на законите од страна на опозицијата, имајќи ги предвид интересите на граѓаните за брза, поевтина и квалитетна изградба на автопатиштата, Владата на денешната седница усвои седум предлог закони кој што ќе ги достави до пратениците во Собрание.

Со оглед на фактот што ЕУ го додаде на мапата на европските коридори, коридорот 8 и неговото геостратешко значење и заради дебатата која подолго време се води и во Собрание, во Влада и во јавноста, одлучивме законите да се предложат со европско знаме”, објасни првиот вицепремиер Груби и апелираше до пратениците да се откажат од блокади и да не ги поскапуваат автопатиштата со над 150 милиони евра пари на граѓаните и да не ги загрозуваат националните и стратешки проекти само заради дневна политичка агенда.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски рече дека само пред неколку месеци, после децении лобирање, Владата успеа заедно со Бугарија, Албанија и Италија, Коридорот 8 да влезе во мапата на главни Европски коридори на Западен Балкан и дека одлуката е меѓу тоа дали ќе бидеме крстосница и главна европска рута на Балканот или земјава ќе остане обиколница бидејќи сите земји забрзано ја модернизираат својата инфраструктура.

„Министерството за транспорт и врски направи измени во два суштински закони и тоа Законот за урбанистичко планирање и Законот за градење.

Граѓаните имаат право да знаат дека овие законски измени не се однесуваат само за изградбата на Коридорите 8 и 10д. Тие се носат со цел да ги забрзаме сите постапки за изградба на патиштата, за железницата, за гасоводите, енергетските градби и други инфраструктурни градби од јавен и национален интерес. Овде спаѓаат и проектите финансирани со средства од ЕУ и од други финансиски институции, а посебно би ги нагласил магистралните гасоводи и железничката пруга кон Бугарија и Албанија. Нема заобиколување на постапките, нема скратување на фазите при градење. Со законските измени само ги забрзуваме процедурите и ги намалуваме роковите заради ефикасност и економичност во изградбата.

Во Законот за урбанистичко планирање, со предлог измените се врши предвидување нов тип на урбанистички проект за градби од стратешки интерес и се уредува изработката, постапката за донесување и спроведување на овој урбанистички проект. Разликата од стандардната процедура, во однос на овој урбанистички проект за градби од стратешки интерес е тоа што роковите за постапување на институциите и прибавување на потребната документација се многу пократки заради брза реализација на терен. Нова измена е што комплетниот урбанистички проект за градби од стратешки интерес се доставува до Владата и Владата го донесува.

Во однос на Законот за градење, прифаќаме нов модел на фазна изградба каде на Изведувачот му даваме право во исто време да проектира и да гради. Измените на овој закон го олеснуваат тој процес и ги забрзуваат градбите. Како и во сегашниот закон и со измените, се запазуваат сите фази на градење. Изведувачот изготвува комплетен основен проект со сите фази како и до сега и тој проект мора да биде потврден со позитивна ревизија. Аспектот на сеизмологија е запазен преку добивање на мислење од надлежен институт за сеизмологија. Само така изведувачот со претходно одобрен урбанистички проект ќе може да влезе на траса и да гради. Единствената разлика е во тоа што временски ја намалуваме административната постапка бидејќи инвеститорот ќе може да започне со фазна градба на поедини делови од делниците кои се без имотно правни пречки. Тоа што е важно, е дека на крај на изградбата, Министерството за транспорт и врски дава одобрение за употреба, но претходно мора да се направи технички преглед и да се утврди дали градбата е изградена согласно проектот и тоа заверен од надзорен инженер. Ако сѐ е согласно проектот, се издава дозвола за употреба за тој автопат, пруга или гасовод. Сигурен сум дека со овој модел ќе постигнеме оптимални резултати во изградба и модернизација на инфраструктурната мрежа”, објасни министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

Министерот за финансии Фатмир Бесими изјави дека измените на законите се во насока на побрза реализација и пониски трошоци за овој стратешки проект, кој е од национален интерес.

„Со измените на Законот за експропријација се поедноставува процедурата за експропријација и се прецизираат одредби кои во пракса се покажаа дека не се доволно јасни. Измените се во интерес на граѓаните и ги штитат нивните права и не значат дека ќе се овозможи легализација на нелегално изградени објекти. Легализацијата на бесправно изградените објекти, а за кои има поднесено барање се одвива согласно законско решение донесено во 2011 година и направени измени подоцна. Она што се овозможува со измените во Законот, што денеска беа усвоени на седницата, е дека граѓаните за имот кој ќе биде предмет на експропријација, а живеат во него, ќе имаат право на надомест за закуп во период од 12 + 6 месеци“, истакна министерот за финансии Бесими и додаде дека измените кои се предлагаат ќе се применуваат за сите проекти каде има процес на експропријација.

Заменик-министерот за труд и социјална политика, Енвер Хусејин потенцирајќи го значењето на изградбата на коридорите 8 и 10д, посочи дека се неопходни измени во Законот за работни односи.

„Првата измена е на одредбата која се однесува на прекувремена работа, односно заради потребата од континуитет во работата на овој проект се наметнува потребата од прекувремена работа која може да трае подолго од осум часа неделно и 190 часа годишно. Работниците се заштитни со Законот за работни односи и секој прекувремен час ќе им биде исплатен 35% согласно Законот и колективниот договор. Секој работник ќе потпише изјава дали сака да работи прекувремено и доколку не сака нема да биде принуден со сила да работи прекувремено. Согласно законот, работниците имаат право на дневен и неделен одмор“, рече заменик-министерот Хусејин и додаде дека прекувремената работа ќе зависи и од активностите и процесите на работа на трасите, што значи, дека ќе има и денови кога воопшто нема ниту да има потреба од прекувремена работа.

Читај Следно

10,371FansLike
2,319SubscribersSubscribe

Најнови Вести