Српскиот државјанин Мирослав Ѓуриќ од Лозница, кој има регистрирана фирма во Даниловград, со цистерна превезувал околу 500 килограми кокаин, кој бил откриен кога ја напуштил Црна Гора.
Црногорската агенција во соработка со колегите во Србија ја проверува фирмата Ројал Шпед, на која што е регистриран камионот во кој бил пронајден товар со милионски суми кокаин, објавија подгорички Вијести.
Во моментов во тек се оперативни проверки, а цистерната е одземена за прецизно мерење на товарот, велат од „Вијести“. Според тврдењата на неименуваниот соговорник на подгоричкиот весник, камионот влегол во Црна Гора на 4 март, кога испорачувал гас за компанијата Петрол.
Во регистарот на Стопанскиот суд, фирмата Ројал шпед е основана на 02.06.2021 година за товарен патен превоз, со вкупен капитал од едно евро, а сопственик и основач е српскиот државјанин Мирослав Ѓуриќ, со живеалиште во Даниловград. Компанијата лани имала мал промет, судејќи според финансискиот извештај доставен до Управата за приходи и Царина, велат од „Вијести“.
