Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска изјави дека евентуалниот пад на Бахмут „во наредните денови“ нема да значи пресвртница во војната на Русија против Украина.
Столтенберг пред средбата со министрите за одбрана на земјите членки на Европската унија во Стокхолм изјави дека е неопходно да се продолжи воената поддршка на Украина, пренесува Блумберг.
Алексеј Резников изјавил дека една милијарда евра помош од ЕУ, која Украина би ја искористила за купување муниција и оружје, не би биле доволни, и проценува дека на неговата земја и требаат околу четири пати повеќе пари.
Евгениј Пригожин, основачот на паравоената формација „Вагнер“, која се бори во Украина, тврди дека целиот источен дел на градот Бахмут, околу кој се водат силни конфликти, е под руска контрола.
„Единиците на Вагнер го окупираа целиот источен дел на Бахмут. Сè што е источно од реката Бахмутка е целосно под контрола на силите на Вагнер“, објави Пригожин на Телеграм, пренесува РИА Новости.
Руските трупи ќе имаат отворен пат кон клучните градови во источна Украина ако го освојат Бахмут, вели Володимир Зеленски, бранејќи ја одлуката за задржување на украинските сили во речиси опколениот град.
„Сфаќаме дека по Бахмут тие би можеле да одат подалеку, кон Краматорск и Словјанск. По Бахмут, Русите би имале отворен пат кон други градови во Украина, во правецот на Доњецк. Затоа нашите момци остануваат таму“, вели Зеленски во интервју за Си-Ен-Ен.
