САД го обвинија генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш дека „очигледно попушти пред руските закани“.
Тие рекоа дека тој не испратил функционери во Украина за да ги проверат беспилотните летала што ги користи Русија, а кои Вашингтон и другите велат дека биле испорачани од Иран, пренесува Ројтерс.
Русија, наводно, негираше дека нејзините сили користеле ирански беспилотни летала во Украина и тврди дека претставниците на ОН немаат мандат да патуваат во Киев за да го истражат потеклото на беспилотните летала.
Иран, од друга страна, призна дека ја снабдувал Москва со беспилотни летала, но рече дека тие биле испратени пред Русија да започне со инвазијата на Украина.
Велика Британија, Франција, Германија, САД и Украина истакнуваат дека испораката на беспилотни летала од иранско производство во Русија ја прекршува резолуцијата на Советот за безбедност на ОН од 2015 година со која се потврдува иранскиот нуклеарен договор. Тие очекуваат Гутереш да испрати официјални лица во Киев за да го истражат проблемот.
„Жалиме што ОН не започнаа нормална истрага за ова прекршување“, рече заменик американскиот амбасадор во ОН Роберт Вуд на состанокот на Советот за безбедност во понеделникот за резолуцијата за иранскиот нуклеарен договор од 2015 година.
Во извештајот до Советот претходно овој месец, Гутереш рече дека претставниците на ОН ги испитуваат достапните информации и дека сите наоди ќе им бидат достапни на властите во догледно време.
Запрашан во понеделникот за притисокот со кој се соочува, Гутереш им рече на новинарите дека западните обвинувања дека Иран и испорачувал на Русија беспилотни летала користени во Украина се гледаат во поширок контекст на сè што ОН прават во врска со војната и ќе одредат дали и кога треба да бидат испратени официјални лица до Киев, пренесува Јутарњи лист.
