Турција добива конкуренција во трката за да ги седне на преговарачка маса Русија и Украина за прекин на војната. Ватикан има намера да побаре преговорите да се водат токму таму.
Државниот секретар на Ватикан, кардиналот Пјетро Паролин денеска изјави дека верува оти Ватикан ќе биде соодветно место за преговори за ставање крај на војната во Украина.
„Ватикан би можел да биде соодветно место за преговори, нашата желба е да понудиме простор каде страните би можеле да се сретнат и да започнат дијалог без никакви претходни услови, каде што ќе треба сами да го дефинираат моделот на преговори“, рече Паролин..
Ватикан често ја изразуваше подготвеноста на Светата столица да посредува за да се дојде до дијалог меѓу Русија и Украина. Папата Франциско во неколку наврати посочи дека Ватикан работи на изнаоѓање решение за војната во Украина.