15.8 C
Skopje
четврток, јануари 19, 2023

Ковачевски: Со новиот предлог Буџет за 2023 година обезбедуваме сигурност, стабилност и понатамошен економски раст

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски денеска на заедничка прес-конференција со министерот за финансии Фатмир Бесими го презентираа предлог Буџетот за 2023 година. Премиерот Ковачевски посочи дека со предложениот буџет се обезбедува економска и енергетска стабилност како и поддршка за граѓаните и компаниите во услови на светска економска и енергетска криза.

Во продолжение е интегралното обраќање на премиерот Ковачевски:

„Како што знаете, предлог Буџетот 2023 е веќе во Собраниска процедура и оваа денешна прес-конференција, која е прва од низата планирани прес-конференции од поединечните министерства, е нашиот придонес во јавната дебата и информирање на јавноста за тоа што точно значи тој буџет и што се планира за наредната година.

Накратко би се осврнал на контекстот во кој делуваме во моментов, односно енергетската и ценовната криза, како продолжение на економската криза предизвикана од ковид пандемијата. Од започнувањето на војната во Украина изминаа веќе десет месеци, а геополитичкиот фактор стана дополнителен шок на меѓународните пазари на примарни производи, односно на пазарите на храната и енергенсите. Шокот преку увозните цени брзо и лесно се прелеа во нашата економија, која е една од најотворените економии во регионот. Владата преку фискалната политика го продолжи енергичниот одговор кон шоковите, исто како што реагираше за време на пандемијата, со соодветни антикризни мерки за заштита на граѓаните, стопанството и макроекономската стабилност. Добрите економски политики на Владата се нотирани и во извештаите на Меѓународните финансиски организации, како Меѓународниот монетарен фонд, впрочем немаше ниту да ни биде доделен ПЛЛ инструментот на Северна Македонија доколку не водевме здрави и успешни економски политики. Преку досегашните политики и антикризните мерки кои ги донесовме во два наврати годинава, животниот стандард на граѓаните е заштитен, а ликвидноста на компаниите одржана, со што се заштитени многу работни места во време на криза.

Знам дека она кое најмногу ги засега граѓаните е животниот стандард, како ќе се живее, колку ќе е скап животот, што ќе направи Владата за да ги амортизира последиците од кризата. Токму затоа и денес пред вас сакам да посочам неколку главни позиции кои на граѓаните ќе им дадат појасна слика за Предлог-буџетот за 2023.

Овој предлог-буџет треба да обезбеди:

Сигурност и стабилност и основа за понатамошен забрзан економски раст.

Предлог-буџетот за 2023 е точката од која тргнуваме на еден нов пат на кој, како и досега успешно ќе ја менаџираме кризата и последиците од кризата, но и со кој ќе овозможиме полека, но сигурно да закрепнуваме и да растеме и да го подигнеме животниот стандард.

Фокусот на овој предлог-буџет е во неколку столба и тоа:

Справување со последиците од кризата и поддршка на најранливите 

Стабилен економски раст 
 
Поддршка и интензивирање на процесот на ЕУ интеграции, како и

Транспарентност и отчетност кои ќе се постигнат преку покажани резултати и имплементација на буџетот.

Владината поддршка за справување со кризата, секако ќе продолжи. Сите антикризни мерки за заштита на стандардот, дополнителната финансиска поддршка за најранливите, како и мерките за одржување на цените на основните прехранбени производи, обезбедувањето на пониска цена на електричната енергија во однос на пазарната за регулираните потрошувачи, ќе продолжат и во текот на целата идна година. Од вкупниот буџет за антикризни мерки се издвоени 250 милиони евра.

Обезбедени се средства и за сите надоместоци за ранливите категории граѓани, невработените, стечајците, гарантираната минимална помош, помош и нега на друго лице, поддршка на лицата со попреченост, за социјалните надоместоци и надоместоците за невработени, како и за активни мерки за вработување на млади лица, лица со попреченост итн.

Предвидено е да продолжи усогласувањето на минималната плата со просечната и трошоците на живот, соодветно на системското утврдено решение. Предвидени се и зголемувањата на платите во образование, како и зголемувањето на пензиите по новата утврдена методологија кое зголемување треба да се случи првиот квартал идната година.

За пензионерите за следната година се издвоени дополнителни 120 милиони евра повеќе од 2022 или вкупно 1.2 милијарди евра за пензиите кои што се зголемени.

Во овој сегмент би сакал да ги споменам и трансферите кои се планирани до единиците на локална самоуправа. За 2023 година се планирани вкупно речиси 434 милиони евра во ДДВ и блок дотации кон општините во кои се планирани средства и за исплата на покачените плати на 40.000 просветни работници, кои годинава се покачија за 15%. Владата дава сериозна поддршка како и секоја година до општините, а оваа година, планирани се и 57,5 милиони евра повеќе од 2022 за оваа намена.

Тука би сакал да се осврнам на делот од буџетот со плати и надоместоци.

За плати во јавна администрација во 2023 година се планирани 570 милиони евра.

За здравството како систем се планирани 685 милиони евра.

Стабилниот економски раст следната година ќе се обезбеди преку одржување на макроекономската стабилност и понатамошна фискална консолидација како и преку капиталните инвестиции.

Во услови на криза носители на економскиот раст ќе бидат капиталните инвестиции кои на среден рок треба да обезбедат позитивни ефекти и реално приближување кон европските економии.

Бидејќи овој буџет е позициониран како развоен буџет, за 2023 се проектирани 52,3% повеќе капитални расходи во однос на 2022.

Така, во 2023 продолжуваме со инфраструктурни проекти кои ќе нѐ поврзат и внатре во земјата, и со регионот но и со Европа и ќе обезбедат побрз економски раст и развој генерално, но и подобри услови за развој на компаниите и бизнисот. Продолжуваме со изградба на Железничкиот Коридор 8, изградба на клучни автопатски делници, рехабилитација на локалните улици, изградба на социјални станови, продолжуваме со проектот за гасификација на државата.

Инаку сите бевте сведоци минатата недела комплетно е завршен гасоводот од влезот на интерконекторот од Бугарија до Битола.

Исто така, продолжуваме со капитални инвестиции во земјоделството со кои обезбедуваме пред сѐ зголемено домашно производство на храна, поддршка за земјоделците како и поддршка за модернизација на земјоделството. Преземаме конкретни чекори за да ги решиме суштинските прашања кои ќе ни овозможат да капитализираме од развојниот потенцијал во оваа област на среден и долгорочен план, носејќи им просперитет на нашите земјоделци.

Буџетот предвидува продолжување на имплементацијата на интензивниот инвестициски циклус во енергетскиот сектор кој треба да обезбеди зголемување на вкупниот енергетски потенцијал. Особено внимание се посветува на транзицијата кон обновливи извори на енергија како и на енергетската безбедност и енергетската ефикасност на земјата.

Заштитата на животната средина е исто така приоритет со новиот буџет. Изградба на пречистителни станици, канализациони мрежи како и воспоставување на регионален систем за управување со отпад и затворање на депонии во источниот и североисточниот регион се дел од планираните инвестиции во овој сектор.

Капитални инвестиции се планирани и во здравството односно планирани се инвестиции за изградба и реконструкција на јавни здравствени установи како и набавка на медицинска опрема. Иако не е во делот капитални инвестиции, сепак сакам да напоменам дека здравствената заштита, односно финансирањето здравствени услуги, но финансирањето на обврските на јавните здравствени установи како што веќе кажав е планирано со над 680 милиони евра во буџетот за 2023 што е зголемување во однос на минатата во износ од 63 милиони евра.

Капитални инвестиции во образование, детска заштита и спорт се вложувања во изградба и реконструкција на основни и средни училишта, градинки, изградба на училишни и спортски сали, реконструкција на студентски домови, опремување и реконструкција на универзитети и инвестиции во спортска инфраструктура исто така се планирани.

Капиталните инвестиции во буџетот за 2023 се проектирани на 800 милиони евра. Знам дека во јавноста постои недоверба во однос на реализацијата на овие капитални инвестиции, но она што можам тука да го посочам е дека ова е мојот прв предлог буџет како премиер, прв буџет врз кој имам контрола за имплементација, и ве уверувам дека лично ќе се заложам да имаме максимална реализација. Во време на криза, овие капитални инвестиции ќе ни обезбедат подобра иднина и подобар животен стандард, а тоа е она за кое јас како премиер силно се залагам.

Моето 22 годишно менаџерско искуство ќе го искористам за да обезбедам што повисока реализација на капиталните инвестиции, затоа што тоа е она што и е потребно на нашата земја.

Сите овие сегменти, со добро, одговорно менаџирање, со напорна работа и добра контрола на реализацијата, ќе бидат основата која ќе ни обезбеди полесна транзиција кон заздравување и развој на економијата, ќе нѐ застане на нозе и ќе ни овозможи да зачекориме посигурно, офанзивно во обезбедување на што е можно поголем економски развој, особено на среден рок.

Бидејќи годинава конечно после 17 години, ги отпочнавме преговорите за членство во ЕУ, во 2023 година ќе обезбедиме буџет кој ќе овозможи да продолжат реформите и трансформацијата на општеството и ќе ни ја подобри позицијата за преговори и отворањето на кластерите. Европската интеграција на државата е од исклучително значење, целата идеја дека конечно Европската Унија ни е на дофат на рака, ни дава нова рамка за тоа како сите процеси кои се обезбедуваат со буџетот од 2023, ќе ни помогнат во што поскорото постигнување на европските стандарди преку подобрување на инфраструктурата, заштитата на животната средина, одржливиот развој, подобрувањето на здравството и образованието, но и преку посветеност на реформите во судството и фокус на владеењето на правото.

Воедно, а што мислам дека е исклучително важно за овој буџет е начинот на кој планираме да обезбедиме транспарентност и отчетност, а тоа е фокусот на резултатите од имплементацијата на буџетот. Само со ваков фокус, односно со поставени индикатори преку кои ќе ја мериме ефективноста и ефикасноста на буџетот, воедно ќе овозможиме и ефективни, ефикасни, транспарентни и отчетни институции и одржлив економски развој.

Од овој буџет јас очекувам резултати. И ќе инсистирам да ги има.

Овој буџет е основата за нашата визија за стабилна, економски просперитетна и напредна Северна Македонија, идна земја членка на Европската Унија. Изминативе 10 месеци вложивме огромни напори и успеавме да ја заштитиме македонската економија и животниот стандард, но сега е време да мислиме за тоа како да одиме напред и како да направиме подобро.

Јас лично ќе работам на тоа да обезбедиме сигурност, подобра иднина и просперитет на сите граѓани во оваа држава, да се стремиме кон европските услови и начин на живот затоа што граѓаните заслужуваат да го имаат она што го имаат и европјаните и ништо помалку од тоа.

Тоа е мојата задача, таа е мојата, тоа е нашата заедничка цел како Влада.

На почетокот на кризата не се знаеше дали ќе има леб, брашно, храна, струја, греење, нафта, не се знаеше дали ќе имаме доволно пари, дали ќе се исплаќаат пензиите. Но, јас ветив дека никој нема да биде оставен сам и тоа и го направивме. Владата одговори соодветно на кризата и денес ние имаме и храна и енергенси и струја. И повисока минимална, повисока просечна плата, повисоки пензии кои се исплаќаат и предвреме.

Истиот пристап ќе го имаме и кон реализацијата на буџетот во 2023. Како што повторувам често, кога се има визија и кога напорно се работи, нема недостижна цел.

Така ќе биде и со овој буџет.

Читај Следно

spot_img
10,371FansLike
2,319SubscribersSubscribe

Најнови Вести

spot_img