18.8 C
Skopje
вторник, април 16, 2024

Полска ќе гради огромна ограда на границата со руска територија

Велат дека оградата ја градат за да се заштитат од влез на мигранти од Блискиот Исток и Северна Африка, но и за локалното население да се чувствува побезбедно, пренесува ДВ.

Фармата на началникот на селото Вилкајчие, Кшиштоф Зајачковски, се наоѓа на само 400 метри од границата меѓу Полска и руската ексклава Калининград. Од неговиот прозорец се гледа жолта плоча со натпис „државна граница“. Кшиштоф до крајот на ноември сепак ќе може пеш да се приближи до руската територија, но на почетокот на следниот месец тоа нема да биде можно бидејќи границата ќе биде оградена со бодликава жица.

Но, на Кшиштоф не му пречи оградата. „Кога живеете толку блиску до Русија, ова изгледа како добар и многу потребен потег“, вели тој. Тој вели дека претходно не чувствувал страв бидејќи границата ја чувала полската гранична полиција, но додава дека „никогаш не се знае што може да дојде од руска страна, погледнете што се случува во Украина во моментов“.

На 2 ноември полскиот министер за одбрана Мариуш Блашчак го најави почетокот на изградбата на одбранбениот ѕид. „Сакаме оваа граница да биде целосно безбедна“, рече тогаш тој. Тој објасни дека полската влада била принудена на овој потег поради зголемениот број премини меѓу Калининград и Блискиот Исток. Медиумите веќе извесно време пишуваа дека оваа руска ексклава склучила договори со Белорусија, Сирија и Турција.

Во 2021 година, илјадници луѓе преминаа од Калининград до Минск со цел да се обидат да ја преминат границата со Полска и да влезат на територијата на Европската унија. Поради тоа, полските безбедносни сили неколкупати се судрија со мигрантите.

По тие инциденти, Полска постави жица на границата со Белорусија. Велат дека оттогаш драстично е намален бројот на нелегални обиди за влез во Полска. Минатиот октомври, Полска забележала дури 17.000 обиди за илегално преминување на границата, додека овој октомври имало помалку од 1.500.

Сега целта им е истото да го направат и на границата со Калининград, каде што веќе се изградени 5 километри одбранбена жица. Кога ќе завршат со изградбата, оградата ќе биде долга 200 километри и висока 2,5 метри. Но, оградата е само почеток. Подоцна ќе постават и безбедносни камери и подземни сеизмички сензори. Но, податоците покажуваат дека оваа граница сепак не е толку ризична. Годинава се евидентирани само 11 обиди за илегално преминување на границата, а најголем дел од фатените се шверцери на тутун. Сепак, анкетите покажуваат дека две третини од Полјаците ја поддржуваат изградбата на оградата.

„Мигрантите не се она од што најмногу се плашиме, досега не сум ги видел. Она што нѐ загрижува е Русија, колку поголема заштита од нив, толку подобро. Путин е бандит“, вели Урзула, жителка на местото Голдап, кој е од границата на само 4 километри. Урзула не е единствена која се плаши од руски напад; друг млад човек за ДВ изјавил: „Русија еден ден ќе ја нападне Полска“. Урзула од САД се вратила во Полска за да ја помине пензијата во мир, но сега вели дека повторно размислува да ја напушти татковината. „Се чувствувам толку несигурно што размислувам да се вратам во Америка“, тврди таа.

Но, не сите се согласуваат со изградбата на ограда на границата. „Не знам дали оваа ограда ќе ги спречи бегалците, можеби е подобро Полска конечно да усвои подобра миграциска политика“, вели Збигњев Содол, кој води центар за терапија со кислород во Голдап.

„Ако Русија истрела проектили, тие ќе паднат на 500 километри, нема ограда што може да ја спречи“, додаде тој. Содол вели дека нападот на Путин врз Украина е „дивјачки“, но смета дека во Русија има и „нормални луѓе“. Додава и дека луѓето од пограничната област имаа голема корист од бесплатниот граничен премин кој важеше до 2015 година.

На изградбата на гранична ограда се противи и полската опозиција. Пратеничката и активистка за човекови права Жанина Очојска на Твитер им порача на премиерот и владата: „Дали сте го изгубиле умот? Потрошивте 350 милиони евра за ѕид на границата со Белорусија само за да продолжите да ги искористувате слепите точки во законот и сега го правите истото на границата со Русија? Следете ги законите, полесно и поефективно е“.

Но, во Полска малкумина го делат мислењето на Очојска. За прашањето за безбедноста најмногу се согласуваат опозицијата и власта. Паулина Пјасецка, директорка на Центарот за истражување на тероризмот во Collegium Civitas во Варшава, вели дека ова не е невообичаено.

„Кога реагираме на заканата од земјата која го започна конфликтот со Украина, а се наоѓа веднаш преку нашата граница, не се очекува спротивставување“, рече таа. Додава дека Полска има одговорност да ја заштити надворешната граница на ЕУ. „Инвестицијата во безбедноста на границата со Калининград не е направена само за доброто на полските граѓани, туку и за доброто на сите што живеат во Шенген“, рече Пјасецка, додавајќи дека изградбата на оградата им дава на луѓето од пограничниот регион дополнително обезбедување.

Кшиштоф Зајачковски вели дека неговото семејство ќе се чувствува побезбедно кога ќе може да ја види бодликавата жица од нивниот прозорец. Но, тој смета дека луѓето не треба само да чекаат државата да направи нешто. Како и многу други семејства во Полска, семејството Зајачковски почнало да подготвува залихи за храна и засолниште.

„Имаме голема визба под шталата каде што би можеле да се сокриеме во случај на опасност“, вели 73-годишната мајка на Кшиштоф, Кристина, која веќе некое време складирала компири, мед и јајца. „Ако дојдат мигранти или Руси, нема да ја напуштам мојата куќа“, додаде таа.

Читај Следно

10,371FansLike
2,319SubscribersSubscribe

Најнови Вести