Буданов во интервју за „Дејли мејл“ рече дека украинската влада е многу збунета од постојаните воени грешки на Русија за време на инвазијата и затоа многу луѓе се прашуваат дали Путин сè уште ги носи клучните одлуки.
„Без разлика колку е лош, Путин не беше идиот. Рускиот план не следи никаква логика. Големото прашање е дали вистинскиот Путин сè уште постои“, рече шефот на украинската разузнавачка служба, тврдејќи дека неговите луѓе откриле двојници користени за да го заменат Путин во посебни прилики.
Буданов, кој е и генерал, вели дека употребата на двојници сега е вообичаена практика.
„Знаеме конкретно за три лица кои постојано се појавуваат, но не знаеме точно колку ги има. Сите направија пластична операција за да изгледаат исто. Она што ги издава е нивната височина, а тоа може да се види на слики и видеа. Исто така, се забележуваат разлики во гестовите, говорот на телото и ушите бидејќи тие се уникатни за секој човек“, вели разузнавачот.
Буданов смета дека промените се неизбежни во Москва и дека смената на Путин е во интерес на „целиот цивилизиран свет“. Руските државни медиуми го поврзуваат Буданов со тајни операции на Крим, бидејќи тој е поранешен оперативец на специјалните сили, кој подоцна бил назначен за шеф на военото разузнавање. „Русите официјално ме нарекуваат непријател број еден“, изјавил тој за Daily Mail.
Буданов и претходно изјавил дека Путин користи двојници. Ова лето, тој изјавил за Newsweek дека Путин користел двојници за време на јавните настапи за да ги скрие здравствените проблеми. „Сликата на ушите е поинаква“, коментирал тогаш Буданов за фотографијата од средбата меѓу Путин и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Буданов за Дејли Меил признава дека Украина има тајни оперативци во Русија и дека најголем дел од нивните активности се насочени кон Чеченската Република на чело со Рамзан Кадиров. Минатата недела киевскиот парламент ја призна Чеченија како окупирана територија.
Буданов е убеден дека Украина ќе ја добие војната, но и дека Путин ќе биде принуден да ја напушти власта. „Овој конфликт ќе ја промени идната форма на Русија“, рече тој.
