За овие 30 години независност, многу жени без оглед дали се од политичката сфера или од некој друг дел од општественото живеење покажаа дека имаат доволно квалитети успешно да работат на позициите кои ги имале и имаат, смета министерката за одбрана Славјанка Петровска.
– Денес професиите не ги делиме на машки и на женски, туку нас жените нè има во секоја професија затоа што сметаме дека имаме доволно капацитет и квалитети кои треба да ги покажеме и со кои што треба практично да помогнеме во општественото живеење, а со тоа да и помогнеме и на нашата држава, истакна Петровска во денешното гостување во емисијата „Приказна“ на Македонската радио телевизија.
Додава дека жените не се само квота и бројка во општеството, туку дека даваат реални и квалитетни резултати. На прашањето дали општеството е подготвено за жена – премиерка или претседателка, Петровска подвлекува дека не станува збор за подготвеност, туку за тоа дали успешните жени се видливи пред јавноста.
