20.8 C
Skopje
петок, март 29, 2024

Бочварски: Започна реконструкцијата на патниот правец од Робово – Муртино

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, заедно со директорите на Јавните претпријатија за патишта, Ејуп Рустеми и Костадин Ацевски, и градоначалниците на општина Струмица и општина Босилово, денеска извршија увид во започнување на реконструкцијата на регионалниот пат Р 1404 Робово – Муртино.

Инвестицијата за реконструкција на овој патен правец е во висина од 48 милиони денари и е по барање на граѓаните од општините Струмица и Босилово.

„Особено ми е драго што сме сите денеска тука да означиме започнување на градежните активности за реконструкција на регионалниот пат Робово – Муртино, проект кој беше на барање на жителите. Државата го прекатегоризира овој локален пат во регионален, за да може комплетно да биде реконструиран, со цел подигнување на безбедноста на патување во овој регион. Инвестицијата е во висина од околу 48 милиони денари. Вложуваме, инвестираме, работиме речиси во сите општини низ државата. Југоистокот, како регион кој има голем економски и туристички потенцијал, е од големо значење за нас и затоа даваме поддршка на локалните самоуправи за обезбедување забрзан регионален и економски развој, поефикасно регионално поврзување и подобрување на условите за живот на граѓаните.“ – изјави министерот Бочварски.

Министерот исто така потенцираше дека завршена е реконструкцијата на патниот правец Габрово – Колешино – Смоларе, завршена е изградбата на канализациониот систем во н.м. Банско и дека во тек е постапката за избор на изведувач за изградба на фекален и атмосферски канализационен систем во н.м. Градско Балдовци, за што преку Министерството за транспорт и врски се издвоени 80 милиони денари.

„Денеска сме тука со министерот Бочварски и директорот Ацевски на увид во реконструкцијата на овој пат, кој го прекатегоризиравме од локален и кој ги поврзува населените места Робово и Муртино, во должина од 3,5 км. Би сакал да информирам за овој регион дека ја подготвуваме проектната документација за реконструкција на делницата Струмица – Дабиле која е во должина од 3 км и ќе биде заедничка инвестиција на ЈП за државни патишта, заедно со општина Струмица. Исто така го завршивме проектот за експресниот пат Струмица – Валандово, а работиме и на проектната документација за патниот правец Струмица – граница со Р. Бугарија.“ – изјави директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми.

„Со големо задоволство сакам да најавам дека денеска започнуваат градежните активности на регионалниот пат Робово – Муртино, пат со кој решаваме голем проблем на локалното население и обезбедуваме подобри услови за патување на Југоистокот. Ова е втор патен правец кој го реализираме тука во регионот, откако завршиме со реконструкција на патот Габрово –  Колешино – Смоларе.
Овој регионален пат ќе се реконструира во три фази, првата и втората предвидуваат гребење на стариот и поставување на комплетно нов асфалт, додека на третата делница ќе имаме проширување на патниот правец, а потоа комплетно асфалтирање.“ – истакна директорот на ЈП за одржување на магистрални и регионални патишта, Костадин Ацевски.

Градоначалниците на Струмица и на Босилово изразија задоволство од оваа инвестиција со која се подобруваат условите за живеење во овие две општини.

Министерот за транспорт и врски, Бочварски, ја искористи посетата на Југоистокот да се сретне со градоначалникот на општина Ново Село, каде потпишаа договор за реконструкција на три локални улици и патишта во општината. Се работи за реконструкција на улица Струмица, за реконструкција на локален пат во н.м. Колешино и за реконструкција на локален пат во н.м. Мокриево, за што преку Министерството за транспорт и врски и државниот буџет се инвестираат вкупно 22 милиони денари.
 

Читај Следно

10,371FansLike
2,319SubscribersSubscribe

Најнови Вести