Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска му предложи на својот руски колега Владимир Путин посредување на Турција за да помогне во решавањето на кризата.
И тоа околу украинската нуклеарна централа во Запорожје, која е во рацете на руските сили.
„Претседателот Ердоган рече дека Турција е подготвена да игра улога на посредник во однос на нуклеарната централа во Запорожје, како што тоа го направи за договорот за жито“, чиј извоз беше блокиран од војната, соопшти турското претседателство.
Ердоган денеска имаше телефонски разговор со Путин, пренесе агенцијата Франс прес.
Најголемата украинска и европска нуклеарна централа во Запорожје рано утринава повторно беше исклучена од електричната мрежа поради гранатирање што уништи клучна електрична линија и навлезе длабоко во колото на централата, објавија локалните власти поддржани од Русија, пренесе агенцијата АП.
Ова беше објавено помалку од еден ден по пристигнувањето на инспекторите од Меѓународната агенција за атомска енергија на ОН (МААЕ) во нуклеарната централа Запорожје, која беше зафатена во неодамнешните жестоки борби меѓу руските и украинските сили.
