5.8 C
Skopje
петок, јануари 13, 2023

Груби, Петровска, Димовски: успехот на АНБ веќе трета година по ред ги поставува стандардите за безбедност, достојни за НАТО членка

Агенцијата за национална безбедност денеска организираше настан по повод три години од своето основање. Настанот се одржа во присуство на бројни претставници на Владата на Република Северна Македонија, Собранието на Република Северна Македонија, Канцеларијата на Претседателот на Република Северна Македонија, судските институции, јавното обвинителство и други гости и соработници на Агенцијата.

Во име на Владата, на настанот се обрати првиот заменик-претседател на Владата на Република Северна Македонија, Артан Груби: „Денес сум горд што припаѓам на генерацијата пратеници во нашето Собрание, којашто донесе значајни и тешки одлуки, вклучително и последниот чекор во реформата на безбедносниот сектор со отпочнување со работа на Агенцијата со која Управата за безбедност и контраразузнавање, која во изминатиот период беше злоупотребена за поединечни лични и групни интереси, веќе замина во историјата.

Пред нас е уште еден голем предизвик, а тоа е заедничката борба против корупцијата и организираниот криминал. Корупцијата е безбедносен ризик. Не зборувам само за корупција во политиката или институциите, туку и кај медиумите, судството, невладиниот сектор. Токму затоа ни треба општествен ветинг, а не лов на вештерки и партиска пропаганда.“

Агенцијата и оваа година додели плакети во знак на благодарност за успешната соработка и исклучителното залагање за реализирање на заштитата на националната безбедност, на поединци и институции.

Успехот во работата, Агенцијата го должи и на соработката со меѓународните партнери. Во овие рамки, АНБ додели плакети и за успешна соработка и на партнерските служби од Француската Република и Република Словенија.

Во име на наградените, се обрати министерката за одбрана, Славјанка Петровска: „Знам дека заради вашата работа не можете да зборувате многу, но верувајте дека ние, од другата страна, цениме сé што сте направиле изминатиов период за нас и за нашата држава. И затоа најважната цел е ова да биде служба која ќе биде професионална, цврста, која ќе биде штит на државните интереси и ништо помалку од тоа. Нека е честит роденденот, уште многу успеси и уште многу успешни години.“

Оваа година со одлука на директорот на АНБ се доделени награди за најдобрите работници на Агенцијата кои во претходниот период најмногу придонесоа за нејзиното успешното работење.

Воедно, со одлука на директорот се доделени и почесни службени легитимации на пензионираните работници на Агенцијата за национална безбедност.

На настанот се обрати директорот на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски чие обраќање ви го проследуваме во целост:

„Дозволете ми најнапред во мое лично име и во името на сите вработени да Ви посакам срдечно добредојде на одбележувањето на 1-ви септември, Денот на Агенцијата за национална безбедност.

Важно е што сме денеска во толку голем број овде. Исто како што е важно што годишнината од основањето на Агенцијата ја прославуваме со многу позитивни бележја. Тоа е најдобар доказ дека ги постигнуваме целите на реформирањето на безбедносните служби и го издигнуваме меѓусекторското работење на нивото долично за една НАТО членка.

Денес, кога ја одбележуваме третата годишнина од основањето со задоволство можам да констатирам дека Агенцијата за национална безбедност продолжува со успех да се носи со предизвиците кон националната безбедност, независноста, суверенитетот, уставното уредување и основните права и слободи на човекот и граѓанинот гарантирани со Уставот.

Во изминатиот едногодишен период посветено работевме на финализирање на отпочнатите реформски приоритети, со целосно почитување на уставната и законска рамка и со доследна примена на високите НАТО стандарди, потврдувајќи ја репутацијата на професионална, независна и отчетна институција.

Постигнувањата на Агенцијата пред сé се должат на стратешката заложба за развој на нашите капацитети, како кадровски, така и технички – заложба на која ќе продолжиме да работиме и во иднина. Агенцијата станува пример за симбиоза на искуството на колегите со долгогодишни кариери, и енергијата на младите и способни луѓе и технологии. А тоа е секогаш успешен рецепт за напредок.

Како релативно млад сервис особено внимание посветивме на кадровското обновување на составот и во овој контекст нескриено е задоволството од брзото и успешно вклопување во работните процеси на првата генерација селектирани припадници од редот на најдобрите студенти од универзитетите.

Не помалку важни беа мотивираноста, посветеноста и професионалниот ангажман на вработените, па оттука, инвестирањето во нивниот личен и стручен развој останува еден од нашите приоритети. Преку унапредување на знаењата, вештините и компетенциите на вработените, се носиме рамо до рамо со современите безбедносни текови.

Во изминатиот период бевме сведоци на турбулентни општествено-политички промени на внатрешен, регионален и глобален план кои резултираа со зголемени ризици и закани по националната и меѓународната безбедност.

Се соочивме со воена инвазија за која демократскиот свет сметаше дека е оставена во минатото од чии грешки се учеа лекции. Руската инвазија врз Украина предизвика сериозни импликации во повеќе сфери и на повеќе нивоа, на што не остана имуно ниту македонското општество.

Во тој контекст е и справувањето со дезинформациите и хибридните дејствија кои остануваат во фокусот на нашето внимание, имајќи го предвид разорното и деструктивно дејство и долгорочните последици врз демократските процеси.  

Нашата стратешка определба за интегрирање во Европската Унија, и носењето на компромисни политички одлуки беше искористена како повод за деструктивни сили кои се обидуваат да ја нарушат стабилноста и безбедноста. И токму благодарение на таа одлична меѓуресорна координација и соработка, овој обид остана токму тоа…„обид“.  

Токму поради ова напоменав на почетокот на ова мое обраќање, дека е важно што сме тука и заедно. Професионалните стандарди и оваа соработката секогаш ќе бидат надмоќни врз било кој деструктивен обид чија цел е тоа да се разниша.

Агенцијата успешно одговори и на други безбедносни предизвици, од кои добар дел со транснационален карактер.

Спречување на илегалната миграција и делување на организирани криминални групи, обезбедување на безбеден прифат на цивилното население од Авганистан, спречување на одделни случаи на шпионажа, хибридни закани и пропагандно делување во насока на поттикнување одредени несакани процеси и дестабилизација се дел од нашата активна работа изминатава година, со која се обезбедуваше стабилноста и безбедноста на граѓаните.

Почитувани присутни,

Кога станува збор за спротивставувањето на современите предизвици би сакал да потенцирам дека во нашата мисија не сме сами. Глобалноста на заканите налага заеднички меѓуинституционален и меѓудржавен одговор.

Тоа подразбира одржување на високо ниво на координација со безбедносно-разузнавачката заедница во РСМ, на ниво на сите сојузници во НАТО како и со партнерските безбедносни служби од земјите членки на ЕУ.

За крај, дозволете ми да заокружам. Клучот на успехот е во напорната работа, посветеноста и одлучноста, независно од пречките и предизвиците. Достигнувањата на една организација се резултат на заедничкиот напор на секој поединец тука, и на уште многумина без чиј труд не би говореле со толкава гордост на денешната прослава.

Оттука, дозволете уште еднаш да го честитам денот на АНБ, и да го искажам моето уверување дека сме на вистинскиот пат, раснеме во уште посовремена, модерна агенција – која е видливо вистински столб на безбедноста на нашата државата.“

Читај Следно

spot_img
10,371FansLike
2,319SubscribersSubscribe

Најнови Вести

spot_img