Москва не објави колку загуби претрпеле во војната во Украина од нејзините први недели, но западните власти и владата во Киев тврдат дека станува збор за илјадници.
Со новата одлука бројот на војници кои ќе учествуваат во битките ќе се зголеми за 137.000 на 1,15 милиони. Одлуката стапува во сила на 1 јануари, според претседателскиот указ објавен на владиниот портал.
Последен пат Путин донесе одлука за зголемување на руската армија во ноември 2017 година, кога бројот на војници кои учествуваат во борбите се зголеми на 1,01 милион, од вкупниот број на припадници на вооружените сили, вклучително и оние кои не учествуваат во борба, од 1,9 милиони.
Во првите недели од инвазијата на Украина, Русија објави дека загинале 1.351 руски војник и оттогаш не објави никакви нови податоци. Западните експерти проценуваат дека реалната бројка би можела да биде најмалку 10 пати поголема, додека Украина тврди дека најмалку 45.000 руски војници се убиени или ранети од почетокот на војната на 24 февруари.
И Киев не сака да зборува за своите жртви, но во понеделникот началникот на украинскиот Генералштаб, генерал Валериј Залужњи, изјави дека загинале речиси 9.000 украински војници.
Според годишниот извештај на Меѓународниот институт за стратешки студии, на почетокот на годината Русија имала 900.000 активни војници и два милиони резервисти кои служеле во последните пет години.
