Кличко е скептичен за тоа како ќе заврши конфликтот во Украина. Во интервју за радио станицата „Би-Би-Си Велс“, тој изјави дека во моментов „не ја гледа светлината на крајот од тунелот, но се надева дека борбата нема да трае со години“.
Според него, веќе не е можно да се постигне компромис со Русија за да се стави крај на војната.
– Не е компромис ако дадете дел од територијата на Украина. Ние не ги штитиме само нашите деца, нашите семејства. Ние ги штитиме и вашите, ги браниме сите на Запад – изјави поранешниот боксер.
На новинарско прашање дали Западот, а пред се Велика Британија треба повеќе да помогне кога станува збор за воена опрема, Кличко рече дека ќе им треба повеќе оружје доколку ситуацијата се влоши.
– Засега имаме доволно оружје од странски партнери, но тоа наскоро би можело да се промени – заклучи градоначалникот на Киев.
Да потсетиме, Кличко деновиве се најде на мета на јавноста додека во канцеларијата на неговата партија Удар правеше коктел со германската амбасадорка во Украина Анко Фелдхусен и двајца германски министри.
На фотографиите кои се појавија во медиумите сите се среќни, а луѓето ги налути нивното однесување, бидејќи изгледаат насмеано „како да нема војна“.
