„Имаше помалку сообраќаен метеж во јули во споредба со мај, во 23 од 26 градови каде што меревме“, изјави Ралф-Петер Шефер.
За мерењето е избрана недела во јули во која немало празници во градовите каде што се вршело мерењето. Мерењето исто така покажало помалку застој во споредба со истиот период во годините пред пандемијата. „Можеби е рано да се носат заклучоци, но сметаме дека намалувањето на бројот на доцнења е поврзано со воведувањето на билетот од 9 евра“, изјави Шефер.
Како дел од мерките за ослободување на граѓаните од наглото поскапување на енергенсите, германската влада во јуни воведе месечен билет за јавен превоз за три месеци, кој чини 9 евра и важи низ цела Германија за целиот локален транспорт и неограничен број возења.
Истовремено се субвенционира и цената на горивата, што, сепак, не доведе до значителен пад на цените на нафтените деривати. Германските власти во моментов размислуваат во каква форма би го поттикнале користењето на јавниот превоз по август, кога истекува тримесечната фаза од билетот од 9 евра.
До средината на јули биле продадени над 30 милиони месечни билети по намалена цена. Оваа мерка предизвикала и бројни критики поради преполните возови кои не тргнувале од станиците делумно поради хаотичните ситуации.
Многумина кои користат јавен превоз за да одат на работа најавија дека додека не истече оваа мерка и не се намали бројот на патници, ќе користат приватни автомобили. Здруженијата на корисници на возови посочиле дека за модернизирање на железничката мрежа можело да се потрошат тие три милијарди евра, колку што се трошеле за субвенционирање на билетите.
