Планинарите кои се враќале од Триглав кон Мали Триглав и Кредарица биле погодени од гром. Според првичните информации, двајца се тешко повредени од ударот на гром, додека останатите се здобиле со полесни повреди.
Повеќето имале изразено печење на различни делови од телото, а некои имале изгореници предизвикани од влегување и излегување на електрична струја од телото, изјави д-р Примож Трунк.
Се се случи во петокот, а словенечката планинска спасувачка служба на денешната прес-конференција ги соопшти деталите за акцијата.
На пат од Триглав кон Мали Триглав почнало да врне слаб дожд, а планината била покриена со густа магла проследена со гром, поради што повеќето луѓе ги исклучиле мобилните телефони.
Гром ги удрил најмалку три пати. Една жена, наводно, била погодена двапати.
Останатите планинари од ударот се распрснале по карпите. Самите планинари се јавиле на 112 и ги известиле за несреќата.
Повредените, меѓу кои и двајца странци, си помагале за време на спуштањето. Преплашени и премрзнати успеале да стигнат до Кредарица, или барем Конта, од каде дополнително им помогнале планинските спасувачи.
Спасувањето со хеликоптер не било можно поради магла.
Пилотот Примож Шкуфц од воздухопловната полиција објасни дека поради невремето на Триглав не можеле веднаш да полетаат, но подоцна со спасувачката единица успеале да стигнат до Кредарица. Пред да падне ноќта, времето се подобрило така што двајцата тешко повредени се пренесени во клиничкиот центар во Љубљана.
Како што рече шефот на спасувачката акција Изток Арнол, веднаш активирале седум спасувачи за класично спасување, а кога пристигнала информацијата за неколку повредени, вклучиле дополнителни сили, покрај спасувачите од Мојстрана, спасувачите од Крањска Гора, Ратеч и Бохињ, пишува N1.si.
Хеликоптер на словенечката армија се обидел да се доближи што е можно повеќе за време на влошувањето на времето.
Пилотот Јернеј Рамовш објасни дека успеале да пренесат седум спасувачи директно под облаците, на надморска височина од 2.200 метри, од каде продолжиле пеш до Кредарица. Поради преголемиот ризик од натамошно влошување на времето повеќе не можеле да летаат до Триглав.
Нешто по 19 часот, како што рече Арнол, виделе дека поради временските услови не е возможно ниту класично спасување, па заедно со докторот кој бил во дежурниот хеликоптерски екипаж одлучиле дека освен двајцата сериозно повредени, останатите повредени ќе преноќат во планинарски дом на Креда.
Во петокот во 20 часот и 30 минути тешко повредени планинари се пренесени во КБЦ Љубљана. Полицискиот хеликоптер во саботата наутро пренел пет жртви во Општата болница Јесенице, а 11 во Универзитетскиот клинички центар во Љубљана, каде останаа под 24-часовна опсервација, а спасувачите со хеликоптер биле пренесени во долината.
„На крајот тоа беше многу среќен ден. Речиси е неверојатно дека никој не загинал“, рече Изток Арнол, водачот на спасувачката операција, на прес-конференција.
