Општина Кисела Вода го објави Меѓународниот конурс за идејно решение за Расадник, прв Меѓународен конкурс во Македонија после 1965 година. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес на прес-конференција ги соопшти сите детали околу конкурсот кој ќе биде отворен во наредните четири месеци. На настанот говореа и претставниците од трите стручни столба кои заедно со Општина Кисела Вода ја подготвуваа конкурсната документација, д-р Огнен Марина, декан на Архитектонскиот факултет; претседателот на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, Мишко Ралев, како и Михаел Димитровски, раководител на одделение за урбанизам и член на УО при Комората на овластени архитекти и инженери.
-Денес финализираме едно големо ветување за одговорно, стручно и хумано планирање на ликот на оваа урбана заедница која во минатото беше поврзувана искучиво со нерационалноста, алчноста и непочитувањето на елементарните урбанистички правила за хумано живеење при планирањето, како и немањето слух за барањата на најзасегнатите-граѓаните кои тука живеат. Ја спречивме намерата на претходното раководство за изградба на 99 згради во Расадник, спречивме катастрофа, а после неколкумесечна сеопфатна подготовка, со големо задоволство сакам да ве известам дека го објавивме Меѓународниот конкурс за Расадник, истакна градоначалникот Ѓорѓиевски на почетокот од своето обраќање, давајќи осврт на целиот неколкумесечен процес за стручна подготовка на конкурсната документација.
