Шпанија денеска ги доживеа највисоките температури на почетокот на летото, со температури меѓу 40 и 42 Целзиусови степени во Сарагоса на североисток и областите Навара и Ла Риоха во северна Шпанија, според националната метеоролошка агенција АЕМЕТ.
Многу области на Западна Европа доживеаја невообичаено високи температури во изминатите неколку дена, што ги зголеми стравувањата од климатските промени. Областа Замора, во близина на границата со Португалија, и Каталонија, на исток, се најтешко погодени од шумските пожари.
Нема извештаи за загинати или повредени. „Беше напорна и интензивна работа“, се вели во твитот од регионалната влада на Кастилја и Леон, каде што се наоѓа Замора. Се вели дека речиси 20.000 хектари шума изгореле во планинскиот венец Сиера де ла Кулебра и дека пожарот „се уште е активен“:
Во Каталонија, пожарникарите кои се обидуваат да го стават под контрола пожарот во Балдомар, изјавија дека очекуваат тоа да биде „комплицирано“поради високите температури и силниот јужен ветер. Пламените јазици се издигнаа високо во воздухот и на периферијата на селото Каудиел во Кастелон во источна Шпанија.
Пожарникарите со маски, очила и шлемови се мачеа да ги стават пожарите под контрола. Тие помогнаа да се евакуираат жителите, од кои некои со себе ги понесоа кучињата и коњите додека чадот се шири низ селото. Во Толедо, југозападно од Мадрид, со приближувањето на пожарите, повеќе од 3.000 луѓе се евакуирани од тематскиот парк Пуј ду Фу.
