5.8 C
Skopje
петок, јануари 13, 2023

Реџеп Таип Ердоган наскоро повторно ќе го посети балканот

Чавушоглу најави дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган наскоро повторно ќе ги посети Србија и регионот.

Говорејќи на заедничката прес-конференција по разговорите со српскиот колега Никола Селаковиќ, Чавушоглу ја нагласи желбата на Анкара да ги „одржи најдобрите односи“ со Белград, велејќи дека „Србија игра важна улога во стабилноста во регионот“.

Тој вети дека Турција ќе продолжи да го поддржува дијалогот Белград-Приштина и да учествува во инфраструктурните проекти и да дава помош во снабдувањето со гас во регионот.

Чавушоглу, илустрирајќи ги добрите односи, посочи и дека Србија е „шестата земја со која Турција има договор за минување на границата со лична карта“.

Во текот на денот со шефот на турската дипломатија одвоено разговарале српскиот претседател Александар Вучиќ, премиерката Ана Брнабиќ и претседателот на парламентот Ивица Дачиќ.

Во разговорите била истакната важноста на инвестициите на турските компании, кои во моментов вработуваат околу 10.000 домашни работници во Србија, како и учеството во различни инфраструктурни проекти.

Во разговорот со Вучиќ било истакнато значењето на изградбата на автопатот Белград-Сараево како најважен проект што ќе се реализира со финансиска помош на Турција.

Во делот на енергетиката, доминантна тема била изградбата и експлоатацијата на Турски тек, кој овозможува снабдување со гас на Србија и регионот.

Српскиот министер за надворешни работи Селаковиќ оценил дека односите меѓу Србија и Турција денеска се „на историски врв“, особено во економијата.

Селаковиќ нагласил дека трговската размена меѓу двете земји изнесува две милијарди евра, додека само во првите четири месеци од годинава достигнала 585 милиони евра, додавајќи дека турските инвеститори „не губат интерес за инвестирање во Србија“.

Посетата на турскиот министер за надворешни работи ја одбележа анонимна дојава за поставена бомба во Министерството за надворешни работи, која била испратена по разговорите Селаковиќ-Чавушоглу, па зградата на министерството била накратко евакуирана додека специјалните единици на српското МВР не констатирале дека пријавата е лажна.

Бројни институции, училишта, трговски центри, медиуми и здруженија, па дури и администрацијата на зоолошката градина, добивале стотици дојави за бомби на дневна основа во последните два месеци.

Српските власти сметаат дека тоа е „специјална војна“ бидејќи Србија не се дистанцира од Русија, ниту се приклучи на ЕУ и меѓународните санкции против Москва поради инвазијата на Украина.

Читај Следно

spot_img
10,371FansLike
2,319SubscribersSubscribe

Најнови Вести

spot_img