Жителите на неколку населени места во северниот дел на Рим воведоа ноќен полициски час по неколкуте напади на диви свињи, кои со години талкаат низ италијанската престолнина.
Во последниот инцидент, кој се случи во неделата навечер, дива свиња турнала жена на земја. Настанот ги охрабрил револтираните жители на Балдуино и околните населби да воведат полициски час, кој е во сила од 20:30 часот.
– Во групи на социјалните мрежи чии членови се жители на овие населени места, се советува луѓето, особено оние кои имаат кучиња, да избегнуваат излегување после 20.30 часот. Ако ве нападнат во текот на ноќта, а нема кој да ви помогне, ќе морате долго да останете надвор – вели Џанлука Сабино, еден од жителите на Балдуино.
Франко Куаранта, претседател на активистичката група жители на Аурелио, рече дека овој полициски час е чин на самозаштита на граѓаните бидејќи властите не презеле ефективни мерки, пишува Гардијан.
Во вториот случај, жртвата била возрасна, но што ако ова му се случи на дете? Еден залак од дива свиња, дури и за нога, може да загрози нечиј живот – вели тој.
Ова, како што велат мештаните, не е долгорочно решение за проблемот бидејќи дивите свињи ги напаѓаат луѓето и преку ден.
Како одговор на овие мерки, кои самите жители ги вовеле, римските власти најавиле дека ќе започнат со оградување на местата каде што живеат свињи и од кои редовно доаѓаат и одат во градот.
Масимо Ветури, директор на одделот за диви животни во Организацијата за права на животните, тврди дека дивите животни ги напаѓаат луѓето само ако тие, нивните млади или извор на храна се загрозени.
– Ова се клучните елементи кои можат да доведат до напад на секое животно. Ако вепарот е во близина на кофа што е полна и ѝ се приближи човек, тоа ќе го протолкува како закана за изворот на неговата храна – вели Ветури.
