„Четири авиони со разновидна опрема вчера пристигнаа во регионот од Соединетите држави“, изјавил неименуван официјален претставник, најавувајќи го пристигнувањето на петтиот авион во следните 24 часа откако претседателот Џо Бајден во средата објави нова воена помош од 800 милиони долари.
Американските воени експерти се распоредени на источното крило на НАТО од почетокот на руската инвазија на Украина и наскоро ќе почнат да ги обучуваат украинските војници како да го користат артилерискиот систем М777 Хауицер, изјави претставник на американското Министерство за одбрана, кој сакал да остане анонимен.
Станува збор за најновата генерација на артилериско оружје што САД за прв пат одлучија да ѝ го предадат на украинската армија. Американски експерти претходно обучувале украински војници во САД како да го користат дронот Switchblade.
Од друга страна, руските сили почнуваат да го чувствуваат ефектот од санкциите поврзани со набавката на оружје, особено резервни делови, изјави претставник на американската војска.
Најмодерното оружје користи електронски чипови чии главни производители се Тајван и Јужна Кореја, двајца сојузници на САД, кои престанале да ја снабдуваат со своите производи Русија во согласност со американските санкции.
