Денеска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на Меѓународниот аеродром Скопје, присуствуваше на настан по повод воспоставувањето на канцеларијата на новата Гранична меѓуагенциска единица – формациска структура составена од припадници на Министерството за внатрешни работи и Министерството за финасии односно Царинската управа.
Во своето обраќање на настанот што всушност преставува дел од поширокиот проект поддржан од Европската Унија и од Канцеларијата на ОН за борба против трговијата со дрога и криминал, а насочен кон градење на уште повисоко ниво на управувањето и работа на граничната контрола на аеродромите, министерот Спасовски, потенцираше дека: ,,МВР насочувајќи се кон континуирано унапредување и развој на граничната полициска служба на сите нејзини нивоа, истовремено се фокусира и кон градење потесна, поинтензивна соработка со сите институции кои на еден или друг начин имаат одредени надлежности во контролата и безбедноста на граничниот сообраќај“.
Обраќања по тој повод имаа и заменик на претседателот на Владата задолжен за политики за добро владеење, Славица Грковска, директорката на Царинска управа, Славица Кутиров, директорот на Меѓународниот аеродром ТАВ, Метин Батак како и шефот на регионална канцеларија на УНОДЦ , Бил Вуд.
Во продолжение ви го пренесуваме интегрално обраќањето на министерот Спасовски
Прилог обраќање
Почитувани,
Низ призмата на низата регионални и глобални случувања и состојби во изминативе години, кои бездруго наметнуваат нови трендови и стандарди во сите сегменти на безбедносното работење, вклучително и во делот на граничната безбедност и контрола, сега повеќе од било кога станува јасно дека квалитетното менаџирање со системот на интегрирано гранично управување претпочита воспоставување и функционалност на меѓуинституционална соработка и дејствување на сите оние органи и служби задолжени за граничните работи.
Во тој контекст Министерството за внатрешни работи, насочувајќи се кон континуирано унапредување и развој на граничната полициска служба на сите нејзини нивоа, истовремено се фокусира и кон градење потесна, поинтензивна соработка со сите институции кои на еден или друг начин имаат одредени надлежности во контролата и безбедноста на граничниот сообраќај.
Планираната прва Канцеларија на Граничната меѓуагенциска единица на Меѓународниот аеродром Скопје, всушност претставува чекор понапред во операционализацијата на една убава идеја и реална потреба. Проект што во рамки на една поширока концепциска замисла, поддржана од Европската Унија и од Канцеларијата на ОН за борба против трговијата со дрога и криминал, има за цел да го подигне на уште повисок степен управувањето и работата на граничната контрола на аеродромите.
Во текот на процесот на имплементација на проектот што започна во 2020 година, досега беа извршени сите потребни безбедносно- аналитички проценки, идентификакција на институционалните овластувања на граничната контрола, потоа потребните описи и еваулации на тековните процедури за контрола на воздушниот товар, но и на технологијата и алатките што во моментот беа достапни за агенциите за спроведување на законот на аеродром. Направени се и низа други опсервации што е во насока на формирање на единица којашто ќе се фокусира на високоризичните патници, а истовремено ќе биде надлежна и за карго-транспортот.
Изминатиот период партнерите Министерството за внатрешни работи и Министерството за финасии, односно Царинската управа, напорно работеа со цел да се формира современа структурна поставеност на Граничната меѓуагенциска единица (ГМЕ) на Меѓународниот Аеродром Скопје, вклучително водејќи сметка и за соодветното ниво на едукација и обученост на вработените во истата и нематеријално-техничката поставеност која ќе ја има оваа единица.
На наше заедничко задоволство, досегашните активности се успешно завршени, иако ни претстои еден континуиран процес на јакнење на нејзините капацитети, но бездруго останува фактот дека втемелуваме дополнителен механизам што ќе значи објективно подобрување на квалитетот и ефикасноста на работа во областа на граничната безбедност и контрола на аеродромите.
Дотолку повеќе ова е значајно за сите нас, бидејќи станува збор за прв ваков проект во регионот и проект што е наменет за функционирањето на скопскиот аеродром, како исклучително фрекфентна гранична и сообраќајна точка.
На крајот дозволете ми, упатувајќи благодарност до нашите партнери од ЕУ и до Канцеларијата на Обединетите нации за борба против трговијата со дрога и криминал, да истакнам дека денешниов настан дополнително ја потврдува нашата цврста посветеност кон имплементирањето на сите оние добри практики и суштински стандарди во безбедносното работење во интерес на сите граѓани.
На самиот крај, дозволете да го честитам значајниот јубилеј – 30 години од Царинската управа и да посакам уште многу јубилеи закитени со проекти кои значат подобрување на квалитетот на работата, а во служба на граѓаните.
