Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска заедно со својот словенечки колега, министерот за внатрешни работи на Република Словенија, Алеш Хојс, кој е во дво-дневна посета на нашата држава, заедно со амбасадорот на Република Словенија во Република Северна Македонија, Милан Предан, како и заменик министерот за внатрешни работи Назим Буши, присуствуваа на свеченост организирана од Словенечката Амбасада и МНР на Република Северна Македонија по повод 30 годишнината од воспоставување на дипломатски односи помеѓу двете земји.
„За овие 30 години на наше партнерство и соработка ние успеавме , да бидеме пример и да покажеме, не само на просторот на поранешната држава туку и пошироко – како може, кога постои добра волја и низа заеднички интереси, соработката меѓу две земји да се интензивира, одржува, негува и продлабочува примарно имајќи ги во предвид потребите на нашите граѓани, одржувајќи ги на високо ниво претходно воспоставените одлични релации. Дотолку повеќе што во сиве овие години наназад како држави и како институции споделувавме заеднички вредности, а и денес не е ништо поинаку.”-рече Спасовски.
Министерот Спасовски го апострофираше фактот што токму Република Словенија беше и остана доследен и лојален партнер на евроатлантски пат на нашата земја и воедно изрази благодарност и уверување дека така ќе биде и во времето пред нас особено во контекст на нашето полноправно асоцирање во Европската Унија, каде што Република Словенија, без дилема е кредибилен фактор и наш поддржувач. Од аспект на работењето на министерствата за внатрешни работи на Република Северна Македонија и на Република Словенија, министерот Спасовски нагласи дека иминативе три децении се период на динамична и плодотворна тесна соработка крунисана со мноштво значајни билатерални договори и конкретни активности во кои што словенечката полиција е тесно инкорпорирана во речиси сите суштински реформски исчекори на македонското МВР во насока на имплементирање на сите важни европски полициски стандарди и критериуми.
Министерот Спасовски се заблагодари на својот колега Хојс за убавиот дар – надалеку позната мариборска винова лоза што денеска е засадена кај нас во Земјоделскиот институт, при што министерот Спасовски изрази и лично уверување дека и во годините пред нас можеме веќе воспоставената билатерална и мултилатерална соработка преку разните иницијативи, форуми, меѓународни асоцијации, уште повеќе да ја продлабочиме, да ја динамизираме во интерес на националната, но и регионална безбедност.
