„Ние сме на располагање за секаков вид посредување“, вели кардиналот Пјетро Паролин, државен секретар на Ватикан. Во телефонскиот разговор со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, тој го повторил апелот на папата Франциск за итен прекин на огнот во Украина.
„Повикав на прекин на борбите и решение на конфликтот преку преговори. Инсистирав на почитување на цивилите и на хуманитарните коридори“, вели Паролин.
„Зборовите се важни а да се дефинира она што се случува во Украина како воена операција значи дека не се препознаваат вистинските факти. Се соочуваме со војна која, за жал, зема многу цивилни жртви како и сите војни“, додаде тој.
Паролин ги повикува сите вклучени веднаш да престанат да се борат.
„Пред наши очи имаме ужасни слики кои доаѓаат од Украина. Жртви меѓу цивили, жени, постари и беспомошни деца кои платија со своите животи за лудилото на војната. Болката расте додека гледаме градови со уништени куќи, без струја, температури под нулата, недостаток на храна и лекови и милиони бегалци, главно жени и деца, кои бегаат од бомбите“, вели Паролин.
Тој вели дека наишол на група бегалци кои дошле во Италија од различни делови на Украина.
„Празни погледи, лица без насмевки, бескрајна тага… За што се виновни овие млади девојки и нивните деца? Треба да имаме камено срце за да останеме рамнодушни и да дозволиме ова да продолжи додека реките од крв и солзи продолжуваат да течат. Војната е варварство. Никогаш не е доцна да се постигне мир. Никогаш не е доцна да се постигне договор“
