На објавените видео снимки се гледа сериозно оштетена градинка, во која наводно имало и деца, но нема информации за повредени или загинати. Руските сепаратисти возвратија со обвинувања дека украинската војска во неколку наврати отворила оган врз територијата под нивна контрола. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг изрази загриженост, но и сомнеж дека можеби Москва бара изговор за инвазија во Украина. Повтори дека од руска страна не гледа сериозни сигнали за намалување на напнатоста.
-Постојат знаци од Москва дека дипломатскиот пат може да продолжи, но сеуште не гледаме коннкретен сигнал за деескалација. Русија уште еднаш покажа своја определба кон начелата кои се косат со европската безбедност и нејзината способност и подготвеност да се закани со употреба на сила во остварувањето на нејзините цели. За жал се плашам дека ова е новото нормално на кое што треба да се навикнеме. НАТО Алијансата продолжува во напорите за да работи кон политичко и дипломатско решение. “
Русија и денеска објави нова видео снимка со твррдење дека нејзините трупи се повлекуваат од границата со Украина во своите бази. Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров на средбата со италијанскиот колега Луиџи Ди Мајо порача дека НАТО, а не Москва ги преоѓа границите.
-Со распоредувањето на своите трупи, всушност Нато го прави истото она за што ја обвинува Русија. Ние сме загрижени поради тоа. Тоа чувство на лична супериорност, според мене, веќе ја премина границата и за жал колегите од НАТО едноставно не можат да ја видат таа граница. , изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.
По веста на Москва дека трет ден врши делумно повлекување на силите, од Вашингтон обвини дека Русија шири лажни тврдења. висок американски дипломат, како што пренесе Асошиејтед Прес, изјавил дека Москва во меѓувреме распоредила нови седум илјади војници на границата со Украина.
