Иницијативата за промена на Владата е одамна планирана и сега само навлегуваме во крајот на тој план, изјави премиерот на Црна Гора, Здравко Кривокапиќ.
Во своето обраќање по седницата на црногорскиот парламент, на која не беше усвоен неговиот предлог да се гласа за смена на вицепремиерот Дритан Абазовиќ, рече дека пратениците „со својот манипулативен пристап“ го спречиле да го искаже својот став за актуелниот политичка ситуација.
– Останав посветен на пожртвуваната борба за здрава Црна Гора и достоинствен живот на нејзините граѓани. Се шпекулираше дека ќе поднесам оставка, некои ме убедуваа дека тоа е најдобриот начин. Јас велам дека ништо не ми значи дали денеска ќе бидам премиер или уште еден ден. Сакам граѓаните да видат кој е кој во Црна Гора. Знам дека утреден ќе престанам да бидам премиер, бидејќи господинот Ѓукановиќ се договори со оној дел од заедничката коалиција што беше изразена со волјата на граѓаните на 30 август 2020 година – рече Кривокапиќ, пренесува подгорички „Вијести“.
Тој рече дека на соработниците им рекол дека „маските ќе паднат“, но дека не е доволно тие да паднат, туку да ги „симнат до крај“.
– Паднаа маските, кој сака да види – може, кој не сака, не мора – рече тој.
Го исполнив аманетот
Кривокапиќ рече дека бил универзитетски професор, а во политиката влегол поради Законот за слобода на вероисповед. Тој рече дека „го исполнил аманетот“ кон човекот на кој му ветил дека покрај Законот за слобода на вероисповед, ќе се зголемат и платите на граѓаните.
– Мојот предлог за разрешување на Абазовиќ можеше да биде инициран и порано. Сепак, до последен момент не сакав да го започнам процесот во кој ќе бидам прогласен за виновен – истакна Кривокапиќ.
Тој тврди дека вицепремиерот Дритан Абазовиќ, министерот Сергеј Секуловиќ и началникот на полицијата Зоран Брѓанин сакале да го спречат устоличувањето на Јоаникиј во Цетиње
