Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган им се закани на турските медиуми со одмазда доколку објават содржина што ги нарушува основните вредности на земјата.
Ова може да биде вовед за зајакнување на цензурата во секторот.
Во изјавата објавена во Службениот весник, Ердоган наведува дека мерките се потребни за да се заштити турската „национална култура“ и да се спречат „штетните ефекти врз развојот на децата како резултат на изложеноста на штетни содржини во сите пишани, вербални и визуелни медиуми“.
Ердоган не прецизираше каква ќе биде штетната содржина, но рече дека ќе бидат преземени правни мерки против „отворени или прикриени активности преку медиумите со цел да се поткопаат нашите национални и морални вредности и да се наруши нашата семејна и социјална структура“.
Ердоган е на власт речиси 20 години и често критикуваше медиумски содржини што не се во согласност со конзервативните исламски вредности за кои се залага неговата партија АКП.
Турција во последниве години го заостри медиумскиот надзор, при што околу 90 отсто од најголемите медиуми сега се во сопственост на луѓе блиски до владата.
Неговите западни сојузници и критичари велат дека Ердоган го искористил неуспешниот обид за државен удар во 2016 година за да ги задуши неистомислениците и да ги поткопа социјалните права и толеранцијата.
Владата тоа го негира и објаснува дека мерките се неопходни поради сериозноста на заканите со кои се соочува Турција и дека во некогаш силната секуларна република е вратена слободата на вероисповед.
Надзорникот за радио и телевизија на RTUK има сеопфатен надзор над онлајн содржините и може да ги отстрани.
Тој ги казни телевизиските станици за снимки за кои тврди дека ги нарушуваат турските вредности, како што се музички спотови што ги опиша како „еротски“, содржини со референца за ЛГБТ или содржина наменета за навреда на претседателот.
Десетици илјади се процесуирани според најновиот закон, меѓу кои и Седеф Кабас, позната новинарка кој од минатата недела е во затвор и го чека судењето откако на Твитер објави поговорка за палатата на Ердоган и ја повтори на опозициски телевизиски канал.
