Вселенското леталот „Паркер“ и официјално го „допре“ сонцето, нурнувајќи во неистражената соларна атмосфера позната како корона, пренесува Гардијан.
Оваа вест вчера ја објавија научниците по состанокот на американската геофизичка унија.
Соларната сонда на НАСА пролетала низ сончевата корона во април во текот на осмото приближување на вселенското летало кон сонцето. Научниците изјавиле дека биле потребни неколку месеци за да се вратат податоците, а потоа уште неколку месеци за потврда.
Ноур Рауафи, научник на проектот од Универзитетот Џон Хопкинс, веста ја опишал како „фасцинантно возбудлива“.
Бидејќи на сонцето нема цврста површина, короната е местото каде што се случува „акцијата“. Истражувањето на ова магнетно интензивно поле може да им помогне на научниците да ги разберат сончевите изливи кои може да влијаат на животот на земјата, пренесува Гардијан.
Паркер е лансиран уште во 2018 година. Леталото било на 13 милиони километри од центарот на сонцето кога прв пат ја прошло границата меѓу соларната атмосфера и излезниот соларен ветар. Според научниците, леталото три пати навлегло во короната и излегло од неа без никаков проблем.
„Првиот пат бевме под короната пет часа… Сега мислите дека пет часа не звучат многу“, им рекол на новинарите Џастин Каспер од Универзитетот во Мичиген, забележувајќи дека Паркер се движел така брзо што за тоа време преминал огромна далечина, движејќи се со 100 километри во секунда.
Сондата Паркер ќе продолжи да се приближува до сонцето и да навлегува подлабоко во короната се до својата финална орбита во 2025 година.
