„Станува збор за жена во доцните 60-ти години“, рече Крис Рола, началник на полицискиот оддел на државните паркови на Њујорк.
Нешто пред 12 часот, полицијата добила дојава за автомобил кој плови кон работ на Нијагарините водопади. Очевидци и`рекле на полицијата дека виделе едно лице во возилото.
На снимката од местото на настанот се гледа речиси целосно потопен автомобил со отворен багажник. Возилото се насукало на карпи на околу 50 метри од работ на водопадите, пишува NBC News.
„Поради областа каде што се наоѓаше возилото, не можевме сами да го извлечеме од реката. Затоа контактиравме со крајбрежната стража и нивниот хеликоптер успеа да го извлече автомобилот“, рече Рола.
Американската крајбрежна стража на Големите езера на Твитер објави дека на возачкото седиште нашла жена, која не реагирала и која била прогласена за мртва на местото на настанот.
Официјалните лица веруваат дека во автомобилот имало само едно лице. Истрагата за инцидентот е во тек.
