Компанијата на Доналд Трамп, во чија сопственост е новата социјална мрежа соопшти дека од заинтересирани инвеститори собрала уште милијарда долари, пред планираното излегување на берза.
Компанијата „Trump Media & Technology Group“ најави дека работи на стартување нова апликација за социјални мрежи на почеток на наредната година. Според информациите апликацијата ќе се вика „Truth Social“.
После упадот на демонстрантите во зградата на Капитол во Вашингтон, во јануари годинава му беа блокирани налозите на Трамп на социјалните мрежи.
„Милијарда долари испраќаат важна порака на големите технолошки компании дека е време да се запре со политичката дискриминација“, рекол Трамп додавајќи дека како што се зголемува буџетот, компаниите ќе бидат во се подобра позиција да се борат против тиранијата на технолошките гиганти.
Трамп уште на во текот на годинава ги најави плановите за покренување на сопствена социјална мрежа, а компанијата „Trump Media & Technology Group“ се здружила со „Digital World Acquisition“, специјализирана за вакви финансиски потфати.
Според извештаите на американските медиуми, новиот потфат на Трамп се проценува дека ќе тежи околу четири милијарди долари.
Ројтерс наведува дека бројни фирми од Вол Стрит ја одбиле понудата на Трамп да инвестираат во новиот проект, но не се спори неговата моќ да привлече инвестиции, иако не се открива кој стои зад милијардата со која се пофали компанијата.
Пред забраната, Трамп на Твитер имал 89 следбеници, на Фејсбук 33 милиони, а на Инстаграм 24,5 милиони. Челниците на Твитер и Фејсбук нивниот потег го образложија со загриженоста дека објавите на Трамп би можеле да поттикнат дополнително насилство.
