Повеќе од 40 милиони луѓе во светот се во модерно ропство, соопшти Меѓународната организација на трудот (МОТ), по повод 2 декември, Меѓународниот ден против ропството.
Ова вклучува приближно 25 милиони луѓе на принудна работа и 15,4 милиони во принудни бракови.
Според порталот „Индипенденс“, тоа значи дека на секои 1.000 луѓе во светот има 5,4 жртви на модерното ропство, при што секоја четврта жртва на модерното ропство е дете.
Од 25 милиони луѓе заробени на принудна работа, повеќе од 16 милиони се експлоатирани во приватниот сектор, како што се домашна работа, градежништво или земјоделство, 4,8 милиони се во присилна сексуална експлоатација, а четири милиони се на принудна работа која ја организираат државни органи.
Се вели дека жените и девојчињата се несразмерно погодени од принудната работа, што сочинуваат 99 отсто од жртвите во комерцијалната секс индустрија и 58 отсто од оние кои се принудени во други сектори.
