Министерот за здравство, Саџид Џавид, потврди дека на сите возрасни ќе им биде понудена трета доза, откако Мешовитиот комитет за вакцинација и имунизација (JCVI) објави дека времето на чекање се намалува за сите возрасни, а приоритетот за резервација ќе го одлучи NHS. .
Регулаторот препорачал на возрасните од 18 до 39 години да им се понудат трети дози со намалување на јазот помеѓу втората и третата доза од најмалку шест месеци на најмалку три месеци, објави Гардијан.
Говорејќи нешто подоцна во Парламентот, Џавид рече дека вакцинирањето со трета доза ќе биде раздвоено по возрасни групи, а постарите луѓе први ќе бидат поканети за бустер дозата.
JCVI советува дека сериозно имунокомпромитираните лица треба да бидат подобни за бустери три месеци по вакцинацијата со двете дози. Комитетот, исто така, препорачал младите на возраст од 12 до 15 години да можат да ги добијат вторите дози.
„Го прифатив овој совет во целост“, им рече Џавид на пратениците, наведувајќи ги и претходно најавените мерки во обид да се спречи ширењето на омикрон, вклучително и ограничувања за патувањата, задолжителна самоизолација за блиски контакти на луѓе кои се позитивни на оваа варијанта и задолжително маски во јавниот превоз и во продавниците во Англија.
Бројот на потврдени случаи на варијантата омикрон во Британија достигнал 11, рече тој.
„Нашето искуство во борбата против овој вирус ни покажа дека е најдобро да се дејствува решително и брзо кога ќе видиме потенцијална закана, поради што ја градиме нашата одбрана и ги спроведуваме овие мерки без одлагање“, рече Џавид.
Велејќи дека новите правила ќе бидат разгледани по три недели, Џавид рече дека ако се покаже дека Омикрон не е поопасен од моментално доминантната варијанта делта, „тогаш нема да ги задржиме мерките на сила ниту еден ден подолго од потребното“.
