„Сведоци сме на прекумерен број случаи – вклучително и тешки болести, хоспитализации и приеми во одделенијата за интензивна нега, особено кај невакцинираните“, рече на прес-конференција Марко Кавалери, шеф за стратегија за вакцинација во Европската агенција за лекови (ЕМА).
Додека континентот се бори со новиот бран на пандемии, стапките на вакцинација во некои земји-членки се „неприфатливо ниски, дури и кај оние кои се изложени на ризик на возраст над 50 години“, истакнал Кавалери.
„Треба да го премостиме тој јаз и да се погрижиме што е можно повеќе луѓе да се вакцинираат“, предупредил тој.
Италијанецот потсетил дека не постои „100 проценти ефикасна вакцина“, што значи дека земјите мора да преземат дополнителни мерки за да ја забават циркулацијата на вирусот во текот на зимата.
Голем број земји усвоиле или планираат да усвојат мерки за исклучување на невакцинираните. Австрија неодамна воведе карантин за сите оние кои не примиле вакцина против Ковид. Слични мерки би можела да воведе и Германија, а за нив се подготвуваат Чешка, Словачка и Грција.
Исто така, се прават напори да се поттикне вакцинацијата и да се најдат нови лекови.
Гледајќи го зголемувањето на бројот на случаи кај децата, ЕМА планира следната недела да донесе одлука за можното одобрување на вакцината Pfizer-BioNTech за деца на возраст од 5 до 11 години.
„Со оглед на критичната ситуација во многу земји-членки“, регулаторот ќе го тестира новиот лек против Ковид на Pfizer во таблети чии први резултати се „ветувачки“.
Ова треба да и овозможи на ЕМА да издава експертски препораки до земјите за да можат да се користат пред официјалното одобрување.
