Претседателот Стево Пендаровски, на 18 и 19 ноември 2021 година ќе биде домаќин на претседателот на Република Полска, Анджеј Дуда, кој ќе престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.
Претседателот Дуда, ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести во Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија. Предвидено е двајцата претседатели да одржат тет-а-тет средба, по што ќе следува пленарен состанок на двете делегации.
Во рамки на официјалната посета на Република Северна Македонија, претседателот Дуда ќе оствари средба со претседателот на Собранието Талат Џафери и со претседателот на Владата Зоран Заев.
